По бродската несреќа во Грција ќе им се суди на деветмина, во Пакистан прогласен Ден на жалост

Скопје, 20.06.2023

Деветмина осомничени шверцери на луѓе треба да се појават пред грчкиот суд под обвинение дека управувале со рибарскиот шверцерски брод со мигранти кој минатата недела потона во близина на грчкиот брег кај Пелопонез, резултирајќи со стотици исчезнати за кои се претпоставува дека се мртви. Бродската несреќа е една од најтешките катастрофи во Медитеранот, пишува „Гардијан“.

Грчките власти соопштија дека досега се потврдени 78 загинати, a 104 се преживеани – главно од Сирија, Авганистан, Египет и Пакистан. Несреќата се случи во средата на околу 80 километри од јужниот грчки град Пилос, неколку дена откако рибарскиот брод испловил од Тобрук во Либија и се упатил кон Италија.

Повеќе од 500 лица се смета дека се исчезнати, меѓу кои и многу деца. Откако се обелодени дека на бродот се наоѓале десетици Пакистанци, пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф нареди итна акција против агентите кои се занимаваат со криумчарење мигранти, велејќи оти тие ќе бидат строго казнети. Вчера во Пакистан беше прогласен  Ден на жалост.

ВО ПРЕВРТЕНИОТ БРОД КАЈ ПЕЛОПОНЕЗ НАЈВЕРОЈАТНО ИМАЛО ОКОЛУ 100 ДЕЦА

Во меѓувреме, полицијата во регионот Кашмир, управуван од Пакистан, соопшти дека уапсила 10 лица кои наводно биле вклучени во испраќањето на млади луѓе во Либија со цел потоа да се упатат кон Европа. Официјалните лица соопштија дека деветмина се приведени во Кашмир и еден во Гуџарат, регион кој долго време служел како „отскочна даска за мигрантите“, пишува „Гардијан“.

Во заедничка изјава Меѓународната организација за миграција и Агенцијата за бегалци на Обединетите нации – УНХЦР, соопштија дека се верува оти на бродот имало помеѓу 400 и 750 лица. Според УНХЦР, ова би можело да биде втората најсмртоносна бегалска несреќа, откако друг брод кој од Либија патувал кон Италија се преврте во април 2015 година, при што загинаа 1.100 луѓе.

Инаку, крајбрежната стража на Грција соопшти дека му понудила помош на рибарскиот брод што се преврте, но тврди дека наишле на одбивање на помошта. Невладини организации, пак, тврдат дека биле упатувани повеќе повици за помош.

Грчката крајбрежна стража е под притисок да ја докаже својата верзија на настаните, но недостасуваат видеоснимки од наводната спасувачка акција кои би ги поддржале тврдењата.

Три дена по инцидентот, портпаролот на грчката влада рече дека непосредно пред потонувањето, на чамецот му било фрлено јаже, што поттикна шпекулации дека обидите на крајбрежната стража да го влече рибарскиот брод предизвикале тој да потоне. Крајбрежната стража ги негира ваквите тврдења. (Превземено од МЕТА.МК)

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе