На 100-годишна возраст вчера почина Џими Картер, триесет и деветтиот претседател на САД, посредник на мирот на Блискиот Исток во своето време и неуморен поборник за глобалното здравје и човековите права, пренесе Гардијан.
Картер беше дел од Демократската партија и беше најдолговечниот претседател во историјата на САД. Служеше само еден мандат во Белата куќа, преземајќи ја функцијата во 1977 година, по што беше убедливо победен од Роналд Реган во 1980 година.
По напуштањето на функцијата, Картер следните децении ги помина фокусиран на меѓународните односи и човековите права, напори што му ја донесоа Нобеловата награда за мир во 2002 година.
Картер изминативе години имаше серија болнички престои, пред на 18 февруари минатата година, заедно со семејството, да објават дека одбрал „преостанатото време да го помине дома“ со најблиските.
Американскиот претседател Џо Бајден во неделата го прогласи 9 јануари за национален ден на жалост, повикувајќи ги Американците да ги посетат нивните места за богослужба за да му оддадат почит на починатиот лидер.
Сопругата на Џими Картер, Розалин Картер, почина во ноември минатата година. Поранешната прва дама имаше 96 години.
Претседателствувањето на Картер го одбележаа економски и надворешнополитички кризи, кои започнаа со високата невработеност и двоцифрена инфлација, а кулминираа со заложничката криза во Иран и советската инвазија на Авганистан. За време на енергетската криза, цената на нафтата се зголеми тројно од 1978 до 1980 година, што доведе до редици на американските бензински пумпи.
Откако ја напушти претседателската функција, Картер имаше една од најистакнатите пост-претседателски кариери. Патуваше низ светот како емисар на мирот, набљудувач на избори и застапник за јавно здравје. Во 1994 година ја посети Северна Кореја, а во 2002 патуваше во Куба.