„Орденот се носи на градите. Слободата се носи како одговорност“, порача Раде Силјан во завршницата на словото по повод примањето на Орденот „8 Септември“.
Во обраќањето, Силјан нагласи дека македонскиот јазик не е доказ што одново го поднесуваме пред туѓ суд, туку наша куќа во времето, и порача дека не бара другите јазици да замолкнат, туку ние да не замолкнеме во него.
Потсетувајќи дека петнаесет дена пред референдумот ја основал „Матица македонска“, Силјан рече дека поетот може да ѝ служи на својата земја и така што ќе изгради дом за книгите на другите. „Секоја добра книга на македонски јазик е тивок, но траен чин на суверенитет“, истакна тој.
Меѓу најсилните пораки од словото се и ставовите дека без култура државата може да функционира, но не знае зошто трае; дека поетот не е украс на државата, туку немир во нејзината совест; и дека држава од која заминуваат децата останува без идно време.
