Полициски хеликоптер исфрлил 80 тони вода врз пожар во Василево, активни се четири пожари низ државата

Вчера полициски хеликоптер од типот Бел-412 дејствувал на пожар во општина Василево, поточно во село Нивичино, во регионот на Струмичко, каде што гори нискостеблеста шума.

Како што соопшти МВР, во текот на 60 налети, од воздух биле исфрлени повеќе од 80 тони вода со цел да се спречи ширењето на огнената стихија и да се овозможи полесно гасење од теренот. И покрај интензивните напори, пожарот сè уште е активен, а противпожарните служби продолжуваат со операции за негово целосно локализирање и гасење.

Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), вчера низ целата земја се регистрирани вкупно 30 пожари на отворен простор. Од нив, четири се во активна фаза, седум се под контрола, додека повеќето, односно деветнаесет пожари, се веќе изгаснати.

Пожарите што сè уште бараат целосна интервенција се лоцирани во повеќе региони, меѓу кои и Македонски Брод, Прилеп и Кавадарци, каде што гори мешана шума и ниска вегетација.

Министерството за внатрешни работи и Центарот за управување со кризи апелираат до граѓаните да ја зголемат внимателноста и да ги почитуваат мерките за заштита од пожари, особено во услови на повисоки температури и засилена суша, кои значително ја зголемуваат опасноста од нови и повторни пожари.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press