ШТИП: „Бидете исклучително внимателни, без доказ за добро здравје да не скокате по крстот“ е советот на штипските лекари
Штип, 18.01.2025
-Ако се земаат во предвид студеното време и ниските температури, лицата кои утре ќе скокаат во отворените води по светиот крст треба да бидат здрави за што им е потребен преглед и потврда од матичен лекар. Пред да се влезе во вода не треба да консумира алкохол, а во студените води не треба да се задржуваат повеќе од три минути. На таков начин ќе се избегне шок на телото, премрзнување, односно хипотермија.
Ова е совет на доктор Тоше Бојчевски, раководител на Итната медицинска помош при Здравствеиот дом во Штип кој додаде:
-Имајќи ги предвид временските услови и ниските температури на водата, повикуваме на исклучителна внимателност, претпазливост и сериозност. Потенцирам дека никако не треба предвреме да се влегува во водата. Лицата кои ќе влегуваат во водата да носат обувки и никако да не се задржуваат подолго од три минути. При излегувањето од водата веднаш да облечат сува и топла облека. Ова е важно за да се избегне опасноста од смрзнатини и хипотермија на телото, вели Бојчевски.
Во Штип утре светиот крст ќе биде фрлан во водите на реката Брегалница на две локации, од кои едната е во населба Ново Село, а втората е кај детската градинка „Астибо“. И двете локации се на реката Брегалница, втора по големина река во Македонија.