ШТИП: Богата културна недела во чест на 100 годишнината од раѓањето на Ацо Шопов и 100 години театарска дејност
Штип, 17.12.2023
Во неделата која ни претстои (18-24 декември) Штип ќе биде епицентар на културните настани во Македонија во организација на НУЦК „Ацо Шопов“. Најголемата културна институција во Источниот регион организира поголем број манифестации од кој двете најголеми се посветени на 100 годишнината од раѓањето на поетот, револуционер и општественик Ацо Шопов и на стогодишнината од почетокот на организираното театарско живеење во Градот под Исарот.
На прес конференција настаните ги најави Горан Трајков, директор на НУЦК „Ацо Шопов“.
-Во среда, на 20 овој месец, со пригодни настани ќе го одбележиме реткиот јубилеј – 100 години организирано театарско делување во нашиот Штип. По повод овој јубилеј ќе организираме промоција на летописот под наслов „100 години организирано театарско делување“, потоа на посебна изложба ќе претставиме костими од богатиот асортиман кој го има создавано театарот низ годините на неговото постоење, а ќе имаме и изложба на театарски плакати. Во целиот овој сплет од активности се вклопува и дебатата за стотогодишното делување на нашиот театар, посочи Трајков.
Во однос на одбележувањето на големиот датум од раѓањето на Ацо Шопов, Трајков истакна:
-Настаните во чест на раѓањето на поетот Ацо Шопов ги започнуваме во четврток на 21 овој месец со изложба на слики инспирирани од песните на Шопов, а изработени од малите членови на нашето ликовно студио под менторство на наставничката по ликовно Верица Наумова. Пред публиката ќе биде претставена и книга напишана во чест на Шопов. Главниот настан ќе се одржи во 19 часот во Домот на култура на кој ќе бида доделени благодарници на личности кои помогнале во промоцијата на ликот и капиталното дело на поетот. Истовремено, за првпат Центарот за култура „Ацо Шопов“ како националан иснтитуција од областа на културата ќе додели ордени.
Покрај овие ќе има и други настани. Со еден од нив ќе се одбележи културата на Власите во Штип и Македонија, а ќе има и прослава на Денот на турската азбука при што, на пригодна манифестација, пред штипјани концерт ќе им познат пејач од Турција.
Културната недела ќе продолжи со две театарски претстави за деца и млади – „Далматинко и дедо мраз“ и „Писмото на Снеже“ од Трајче Кацаров, а во сабота, во Домот на култура, се организира традиционалната „Новогодишна бајка“ за сите млади штипјани.
Со ова, според првиот човек на НУЦК „Ацо Шопов“ завршува работата на оваа институција за тековната 2023 година.