Штип, 26.07.2023
Голем интерес владее во Штип за концертот на македонска народна музика на децата Драган и Лина Костадинови, брат и сестра, кои благодарение на своите бисерни грла и музичкиот талент (свирење на клавир, хармоника, виолина…) станаа популарни не само во Македонија туку и надвор од неа. Ним ќе им се придружи и малиот Ајдин Османовиќ од Сребреник, БиХ, дете кои прекрасно ги пее македонските песни во кои е вљубено.
Ако имало некакви дилеми дали големата сала на Домот на култура „Ацо Шопов“ која има 616 седишта е соодветна на настанот бидејќи на истиот ќе настапат деца, сега веќе дилемата е дали е можно утре да има уште еден концерт.
Имено, сите карти за вечерашниов настап се распродадени! Нема ниту едно слободно место. Штипјани пред се сакаат на голема сцена да ги видат и слушнат Лина и Драган кои станаа нивни миленици, но интерес има и за Ајдин кој со најпознатите македонски народни песни стана миленик на македонската публика.
Во моментов има интерес за уште најмалку 150 влезници, јасно е дека тој интерес ќе се зголемува, но дали утре ќе има и втор концерт сеуште не се знае.