Штип, 15.12.2023
Од идниот петок сите тезги на Градскиот пазар во Штип ќе бидат сместени во долниот, покриен дел на пазарот за да може да се започне со реализација на проектот за градот да добие полузатворен пазар.
-Изградбата на полузатворениот Градски пазар започнува од идната недела, информира Димче Колев, раководител на работна единица Градски пазар при ЈП „Исар“-Штип. Тој во денешната изјави рече дека од следниот петок сите тезги на Градскиот пазар во Штип ќе бидат сместени во долниот, покриен дел на пазарот. Ваквата одлука доаѓа во насока на реализација на проектот за полузатворен пазар во Штип. Колев рече дека тоа нема да биде тежок процес бидејќи, поради временските услови, овој период се намалува бројот на продавачи, па нема да биде проблем продавачите од отворениот привремено да се сместат во помалиот покриен дел.
-Ова е последен пазар на ова плато, сите закупци на тезги наредната недела ќе бидат сместени на места на кои, на пазарот, има доволно простор за сите. Сега е зимски период, време во кое се намалува бројот на закупци на тезги и пазарот е полупразен, така што нема да има проблем во сместувањето на сите закупци на пазарот. Вака ќе биде во текот на наредните месеци до изградбата на новиот пазар на ова место, изјави Колев.
Новиот пазар за продавачите ќе значи многу подобри услови за работа. Полузатворениот пазар е со површина од 1200 м2 ќе биде со челична конструкција.
Овој проект беше најавен пред извесно време од Општина Штип, а тоа подразбира градот да има модерен пазар кој ќе одговара на барањата и потребите на продавачите и купувачите. Проектот е вреден десет милиони денари.