ШТИП: Пожарот од депонијата се прошири накај Пенуш, но од пожарната велат дека наскоро ќе биде ставен под контрола
Штип, 18.07.2027
Нешто после 13 часот се запали депонијата „Трештена скала“ од која огнот продолжи да се шири лево по сртот на ридот движејки се кон селото Софилари покрај реката Брегалница. Пожарникарите од ТППЕ Штип веднаш се упатија кон опожареното место, а подоцна ним им се приклучија и вработени во шумското стопанство Серта. Пожарот најдобро можеше да се види од месноста Плуждино која е спроти депонијата, од другата страна на реката Брегалница.
-Запалена е сува трева, на ширење на огнот влијае силниот ветер но ние успеавме да го спречиме неговото ширење кон Софилари. Пожарот сеуште не е целосно локализиран зашто тој се прошири кон Пенуш, но ние сме подготвени со три возила и дванаесет пожарникари целосно да го изгаснеме, ни рече Дарко Коцев. командир на ТППЕ Штип.
Во Штип и штипско дневната температура е блиска до 40 степен целзјусов па и многу топлото време влијае на брзото ширење на огнот. Од кај Плуждино се гледа дека огнот го снема но сеуште на одделни места чади.
Да не беше брзата интервенција на пожарникарите во опасност ќе дојдеа неколку викендици на таа територија но и два локалитети со фотоволтаици кои од неодамна се инсталирани подолу од депонијата покрај самиот пат за неа.