ШТИП: Приведени убиецот и четворицата негови помагачи во синоќешното убиство во кафуле на  плоштадот „Слобода“

Штип, 09.05.2025

Штипската полиција го приведе лицето кое во кафуле на плоштадот „Слобада“ во овој град пукаше од пиштол и смртно застрела свој сонародник. И убиецот и починатиот се студенти од Турција на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“.

Од полицијата соопштија дека заедно со  убиецот во акцијата во која е употребен и дрон, се приведени и четворица негови помагачи, сите од турска националност.

Овие лица се лишени од слобода на наплатна рампа Миладиновци, а се работи за К.К.(21) од Република Турција зa кој постои сомнение дека е сторител на синоќешното убиство во Штип, како и А.Х.(22), Т.М.(22), О.М.(29) и А.О.(28), сите од Република Турција, поради сомнение дека му помогнале на К.К. да побегне од местото на убиството, соопштија од МВР.

– Во 22.15 часот на наплатната рампа Миладиновци, во заедничка акција на СВР Штип, СВР Скопје и сообраќајната полиција, било запрено патничко возило „бмв“ со штипски регистарски ознаки, во кое биле  А.Х., Т.М., О.М. и А.О., при што А.Х. се дал во бегство, а другите лица биле лишени од слобода. Набргу, по преземени мерки, тој и сторителот К.К. биле пронајдени и лишени од слобода, соопшти МВР.

Сите лица биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Синоќа Штип беше вознемирен од веста која проструи по социјалните мрежи дека во кафулето „Вами“ на плоштадот прво дошло до физичка пресметка помеѓу двајца турски студенти која подоцна завршила со убиство. Веста за овој настан на СВР Штип и била јавена во 21.25 часот,а кога таа дошла на местото на настанот можела само да констатира тешка повреда од пиштол на едно млади лице од Република Турција додека сторителот побегнал со возило. Повредениот бил пренесен во Клиничка болница Штип каде што во 22.10 часот починал.

Убиеното момче со иницијали О.Е. е на 25 години.  Од штипската Клиничка болница изјавија дека момчето кај нив било донесено без знаци на живот, со неколку прострелни рани. Лекарите пробувале да го реанимираат, но обидите биле несупешни. Од Основното јавно обвинителство (ОЈО)-Штип соопштија дека јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Штип ноќеска вршеше увид на локација во кафе бар каде едно лице беше лишено од живот со истрели од огнено оружје.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press