Студентите на УКИМ ќе можат да работат во компании, практичната работа ќе биде дел од студиските програми
Нова соработка беше воспоставена денеска меѓу Универзитетот Св. Кирил и Методиј и Амбасадата на Швајцарија, со која им се овозможува на студентите да можат да изведуваат практична работа во компании, а истата ќе биде составен дел од студиските програми.
Ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, го потпиша меморандумот за соработка со претставник на швајцарскиот проект Образование за вработување (E4E@mk)“ и швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (IME).
„Овој меморандум има за цел да ги унапреди можностите за студентите преку практична работа во компании, интегрирајќи ја како составен дел од студиските програми. Соработката е резултат на заедничка визија за поконкурентно и релевантно образование кое ги поврзува студентите со реалниот сектор. Oваа иницијатива се заснова на два клучни столба – унапредување на соработката помеѓу приватниот сектор и образовните институции и вклучување на приватниот сектор во развојот на студиските програми“, се вели во соопштението.
Како што се додава, оваа соработка гарантира дека студиските програми ќе бидат усогласени со индустриските барања, а овој модел се надоврзува на успешното искуство со дуалното образование во средните стручни училишта, каде што соработката со компаниите веќе покажува конкретни резултати.
„Фокусот се проширува и на академските институции, со цел да се обезбеди поддршка за креирање на нови генерации на млади професионалци со практични вештини и реална подготовка за вработување“, се додава во соопштението.
На настанот биле презентирани конкретни примери на успешна соработка помеѓу факултетите и компаниите. Посебно биле истакнати иницијативите на Технолошко-металуршкиот факултет со „Макстил“, како и Факултетот за земјоделски науки и храна со компанијата „Агро Јуником“, кои веќе започнале со реализација на практичната обука за студенти.