Американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски утрово разговараа за војната во Украина, во базиликата „Свети Петар“ во Ватикан, неколку минути пред почетокот на погребната миса за папата Франциск, во време кога Белата куќа инсистира на постигнување мировен договор.
Фотографијата објавена од Украинското претседателство покажува дека двајцата лидери седат еден спроти друг, без помошници, во просториите на базиликата „Свети Петар“.
Зеленски му се заблагодари на Трамп за „добрата средба“ преку објава на социјалните мрежи.
„Дoбра средба. Дискутиравме еден на еден. Се надеваме на резултати во врска со сè што зборувавме“, напиша Зеленски.
„Заштита на животите на нашиот народ. Целосен и безусловен прекин на огнот. Сигурен и траен мир кој ќе спречи избувнување на нова војна. Многу симболичен состанок кој има потенцијал да стане историски, ако постигнеме заеднички резултати“.
Портпаролот на Белата куќа, што го придружуваше Трамп, рече дека двајцата лидери денес се сретнале приватно и имале многу продуктивна дискусија.
Средбата траела околу 15 минути, а лидерите се согласиле да продолжат со разговорите. Тоа беше прва средба лице в лице меѓу Трамп и Зеленски по катастрофалниот состанок во Белата куќа во февруари, кога претседателот и другите американски функционери јавно го критикуваа Зеленски дека бил недоволно благодарен за американската поддршка.