Штип, 01.08.2023
Во Штип зачестија гласините дека битолската компанија „Стентон Градба“ која на тендер беше избрана да ја гради браната на реката Отиња, ги прекинала работите на oвој за Штип капитален објект на кој штипјани чекаат подолго од половина век. Шпекулациите одат дотаму што се говори дека компанијата ги повлекла своите машини, па дури и бараките во кои работат стручните лица и ги однела на друга градежна локација.
Со цел да ја дознаеме вистината денес бевме на лице место. Таму ги затекнавме бараките како што беа од почетокот на работите на 7 јули 2021 година, а еден поголем булдожер работеше нешто во коритото на реката на просторот каде што треба да биде круната на браната. Во една од бараките љубезно бевме примени од младата Ана Тодорова, дипломиран градежен инженер која изрази подготвеност да одговори на сите наши прашања во однос на ова исклучителна штипска тема.
-Ништо не е дислоцирано од градежната зона, но не криеме дека моментално има застој во работата. Застојот е предизвикан пред се поради фактот дека при работните активности кај прелевниот орган наидовме на цевковод со дијаметар Ф400 кој водата од штипската филтер станица ја дистрибуира до населбата која во
Штип е позната како „Деснаци“. Ова состојба бара дислокација на цевководот, односно негово поставување на поголема длабочина што не е ниту мала ниту едноставна работа. За една таква операција веќе е распишан јавен тендер па се очекува наскоро да биде избран квалификуван изведувач, вели Тодорова.
Застојот е предизвикан пред се поради фактот дека при работните активности кај прелевниот орган изведувачот наишол на цевковод со дијаметар Ф400 кој водата од штипската филтер станица ја дистрибуира до населбата која во Штип е позната како „Деснаци“. Ова состојба бара дислокација на цевководот, односно негово поставување на поголема длабочина што не е ниту мала ниту едноставна работа…
Во текот на работните активности на браната се јавија уште два други не така едноставни проблеми.
-Во изградбата на вакви објекти глината е важен елемент, во прво време се сметаше на користење на глина од самата локација на која се протега браната, но се покажа дека таа глина не е со потребниот квалитет предвиден според проектот. Во меѓувреме најдено е нова локација на глина со потребниот квалитет, но за истата да може да се експлоатира неопходни се низа административни активности. На проблем наидовме и со каменот кој исто така е во близина на самата брана, но се покажа дека него го нема во доволни количини па најдовме камен согласно потребите за изградба на браната, а и тој процес мора да помине низ административна процедура што за извесно време ја пролонгира градбата, вели Ана Тодорова.
Како секој стратешки објект од нискоградба, како патишта, тунели, брани, се јавуваат непредвидени проблеми кои се подлежни на решавање во тек на градба, што е случај и овде.
Во однос на познатата „штипска дебата“ за тоа дали реката Отиња и нејзиното сливно подрачје ќе имаат доволни количини вода да наполнат вештачко езеро со два милиони метри кубни вода Тодорова е децидна:
-И хидрологијата е егзактна наука, а за вакви објекти-брани хидролошка студија се прави за период од минимум 30 години. За Отиња и нејзиното сливно подрачје студија е правена во периодот 1961-1990 година, време во кое секојдневно е следена хидролошката состојба на ова подрачје. Средниот дотокот на вода во овој период е 0,170 m3/s (метри кубни во секунда) што на годишно ниво е вкупен просечен воден капацитет од 5.360.000 метри кубни. Тој факт ни говори дека акумулацијата на браната Отиња ќе се полни за, просечно, половина година.
Изведувачот на работите „Стентон градба“ е убеден дека ако во еден разумен рок се отстранат трите пречки на кои што интензивно работат и од Општина Штип и од и од Министерството за транспорт и врски (дислокација на цевководот, глината и каменот) рокот за изградба на овој капацитет ќе се продолжи за најмалку една година. Наместо да биде готова во месец јануари, идната година, браната таа би требало да биде завршена најдоцна до пролет, 2025 година.
Сепак, од се најважно е овој капацитет да биде изграден зашто само Штип од сите општини во источниот регион нема своја „голема вода“. А браната ќе служи за развој на туризмот и развој на спортовите на вода, за низ речното кориот на Отиња по течението низ градот секогаш да го има биолошкиот минимум и со тоа климата преку лето да стане поподнослива. Покрај ова ќе се развие спортскиот риболов, ќе се изградат викендички, ќе се направи зона за спорт и рекреација…
И, конечно: ако минатиот век беше век на борба за енергија (во цел свет) овој век ќе биде век на борба за квалитетни води зашто нив светот се помалку ги има, а се смета дека среќна ќе биде онаа нација која на време ќе ги зафати и стави во секојдневна употреба сите свои водни потенцијали…