В недела во Kочанско и Виничко авионски ќе се прска против комарци, а во општините кои се рај за комарците нема најава за прскање!
Кочани, 27.06.2024
Комарците сериозни ги нападнаа луѓето во кочанско и виничко, а локалните власти одлучија да извршат авионско прскање против овие штетници в недела, 30 овој месец. Од општина Кочани рекоа дека прскањето ќе се врши согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, за спроведување превентивна систематска дезинсекција на територијата на Општина Кочани, како општа противепидемиска мерка.
Авионите на кумановската фирма Бони Ер, кои се стационирани кај селото Пеширово во Општина Свети Николе, ќе прскаат во времето од 5 до 8 часот наутро. Прскањето против комарци ќе се врши со еколошко средство за уништување комарци – широкопојасен инсектицид одобрен од Бирото за лекови.
Интересен е фактот дека прскање против овој штетник немаат закажано општините Чешиново-Облешево и Зрновци кои се рај за здодевниот и опасен инсект.Дали на теренот на овие општини каде се најголем дел од оризовите ниви ќе се прска, во Бони Ер не знаат ништо за тоа.
Двете општини ги известија граѓаните што одгледуваат пчели да ги преземат потребните заштитни мерки, а доколку временските услови се неповолни (ветер, дожд) третирањето ќе се одложи за следниот ден.
-На 30 јуни нашите авиони ќе прскаат против комарци во општините Кочани и Виница кои се соседи. Вчера извршивме третирање против комарци на територијата на општините Карбинци и Пробиштип, а во Општина Свети Николе веќе прскавме два пати. Во понеделник нашите авиони ќе делуваат во атарите на општините Велес и Чашка, а Општина Штип имаше тендер кој првично ние го добивме но подоцна општината го поништи од за нас непозанати причини па немаме информација дали и кога ќе прскаме и на територијата на регионалниот центар, ни изјави Никола Петковски, сопственик на Бони Ер, фирма која врши прскање на територија на цела Македонија освен во Скопје и скопско.
Интересен е фактот дека прскање против овој штетник немаат закажано општините Чешиново-Облешево и Зрновци кои се рај за здодевниот инсект.Дали на теренот на овие општини каде се најголем дел од оризните ниви ќе се прска, во Бони Ер не знаат ништо.
Општините од Источниот плански регион никако не успеваат да најдат заеднички јазик за истовремено прскање на територијата на регионот, а со сегашниот начин на „борба“ против комарците, кои не знаат за општински граници, резултатите никогаш не се соодветни на очекувањата и на поединечниот влог на секоја општина.