Зеленски ја напушти Белата куќа, преговорите за војната во Украина пред колапс

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја напушти Белата куќа по расправијата со претседателот и потпретседателот на САД, Доналд Трамп и Џеј Ди Венс со што се чини дека пропаднаа разговорите за мировен договор во Украина.

Како што јавуваат американските медиуми, Зеленски не одговорил на прашањата од новинарите дали мировниот договор за крај на војната со Русија сега е мртов.

Белата куќа ја откажа заедничката прес-конференција на Трамп и Зеленски, која првично беше закажана за попладнево по локално време.

Зеленски беше во Вашингтон на разговори за потенцијалниот договор со кој на САД ќе требаше да им се овозможи пристап до ретките минерали во Украина, како дел од пошироките напори да се стави крај на тригодишниот конфликт меѓу Украина и Русија, кој започна со целосната воена инвазијата од Русија пред три години.

„Зеленски ја напушти Белата куќа без да го потпише договорот за ретки минерали“, изјави за Ројтерс претставник на Белата куќа. Трамп не ја отфрли можноста за постигнување на тој договор, но им остави на Украинците да бидат подготвени за конструктивен разговор, објави Ројтерс.

Трамп во изјава објавена на социјалната мрежа X (Твитер) напиша: „Денес имавме многу значаен состанок во Белата куќа“.

„Многу нешта разбравме, кои никогаш би можеле да ги разбереме без разговор под таков оган и притисок“, напиша Трамп.

„Неверојатно е што може да произлезе од емоции, и јас утврдив дека претседателот Зеленски не е подготвен за мир ако Америка е вклучена, бидејќи тој чувствува дека нашата вклученост му дава голема предност во преговорите. Не сакам предност, сакам МИР“, напиша Трамп.

Тој, исто така, напиша дека Зеленски „не ги почитува Соединетите Американски Држави во нивната драгоцена Овална канцеларија“.

„Тој може да се врати кога ќе биде подготвен за мир“, рече Трамп.

Откако ја напушти Белата куќа, Зеленски напиша на X: „Благодарам Америка, благодарам за поддршката, благодарам за посетата. Благодарам претседателе Трамп, Конгресот и американскиот народ. На Украина ѝ е потребен праведен и траен мир, и ние работиме токму на тоа“.

Расправија во Овалната соба – Трамп му рече на Зеленски: Се коцкаш со Трета светска војна

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе