Штип 22.11.2017
Советниците од ВМРО ДПМНЕ кои по осум години власт сега се опозиција ја напуштија првата работна седница на Советот на општина Штип. Тие тоа го направија како резултат на фактот дека советничкото мнозинство не им го прифати барањето за, како што тие математички пресметале, пропорционална застапеност во комисиите согласно советничкиот сооднос кој е 12:11 за СДСМ и коалицијата.
Седницата започна со обид за опструкции од опозиционерите кои најдоа забелешки на записникот од конститутивната седница за потоа советникот Горан Карашов од ВМРО ДПМНЕ да посочи дека меѓу советниците на опозицијата имало директори кои не можеле да бидат и директори и советници. Согласно тоа, смета Карашов, одлуките кои би биле донесени во времето кога советници биле луѓе кои имале судир на интереси немало да бидат законски. На ова одговори советникот Иван Бојаџиски од владеачкото мнозинство. Според Бојаџиски, сите советници пополниле анкетен лист кој го доставиле до Антикорупциската комисија. –Оваа комисија единствено во државата може да каже што е а што не е конфликт на интереси. Се додека таа не се произнесе сите советници имаат легитимитет како избраници на народот да си ја работат советничката работа, порача Бојаџиски. Овој советник посочи дека токму во времето на владеење на ВМРО ДПМНЕ кога во советот имало повеќе директори и поголема количина на судир на интереси никој не го покренал ова прашања.
Дали советниците се тие кои можат да судат што е судир на интереси или е тоа единствено во надлежност на Антикорупциската комисија. На ова прашање се судрија владеачкото мнозинство и опозицијата, по што опозиционерите ја напуштија седницата..
Според математиката на советникот Љубе Здравков од ВМРО ДПМНЕ, опозиционерите трбало да имаат само двајца советници повеќе во комисиите.-Тој сооднос го изведов со математичка операција, тоа е нешто кое никој не може да го спори, рече Здравков. Тој побара незаконитоста која според него била направена да биде исправена со нов избор на советници во комисиите. Советничкото мнозинство неговиот предлог не го прифати. Претседателот на Советот Јане Миланов му порача на Здравков да не ја користи математиката зашто тоа е негов терен.-Секоја математика ќе покаже дека комисиите се составени согласно законот. Во именување на претседатели и членови на комисиите нема ништо спорно, законот и процедурата се целосно испочитувани, порача Миланов.
Тоа беше елемент повеќе за советниците од опозицијата да одлучат да ја напуштат седницата.