- Симона Гетово од граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“: Ние не сме поканети да одиме во Бучим, а и да бевме немаше да одиме зашто нас радовишката приказна на никој начин не не допира, ние се бориме за здрав живот во нашето Валандово
Делегација од општина Богданци утре претпладне ќе го посети рудникот за бакар „Бучим“ кај Радовиш. Според нашите информации делегацијата ќе ја предводи градоначалничката на оваа општина, а во неа ќе имало и членови-активисти на граѓански здруженија кои го кренаа гласот против изградба на новиот рудник за бакаr „Казан дол“ кај Валандово.
-Најавено ни е дека оваа група ќе дојде во нашиот рудник за да се запознаат со работата на „Бучим“ како рудник за бакар и, посебно, за неговото влијание врз животната средина. Тие самите ќе се уверат во тоа дали еден ваков рудник претставува некаква голема опасност по животната средина на луѓето кои живеат на определен простор“, ни изјави Николајчо Николов, заменик генерален директор во овој рудник.
Како што е познато граѓани во Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран се организираа во, како што изјавија од овие градови, својата идеја да си ја зачуваат животната средина од загадувачки стопански капацитети за какви ги сметаат и рудниците. Во Гевгелија и Дојран граѓанскиот револт е поради најавената изградба на рудник за злато на Кожув, а во Валандово и Богданци се противат на изградбата на рудникот за бакар „Казан Дол“. За овој рудник, пред тој да почне да се гради, била организирана јавна дебата во однос на неговото влијание врз животната средина. Оваа дебата, според изјавите од Министерството за животна средина му дала виза на инвеститорот да го гради рудникот.
Симона Гетова од валандовската Граѓанска иницијатива „Спас за Валандово“ ни изјави дека тие не знаат ништо во врска со најавената посета на нивните соседи од Богданци на радовишкиот рудник.
-Ние не сме поканети, а и да бевме немаше да одиме зашто рудникот „Бучим“ е приказна која нас на никој начин не не допира, нашата борба е валандовчани да живеат во здрава животна средина. Точно е дека пред две години имало јавна дебата за влијанието на „Казан Дол“ врз животната средина и дека тогаш немало отпор од граѓаните, но треба да се знае и фактот дека експертите кои беа на дебата беа од инвеститорот, платени со негови пари. Ние за 28 овој месец закажуваме еднодневен настан со дебата по однос на ова за нас животно значајно прашање, а во дебатата ќе учествуват и експерти по животна средина со светско реноме од Балканот и од Македонија, ни изјави Гетова.