Во понеделник протест пред српската амбасада во знак на солидарност со граѓаните на Србија

Во понеделник, 30 декември, пред Амбасадата на Србија во Скопје ќе се одржи протест за солидарност со српските граѓани. Протестот е закажан за во 12 часот, а го организира Здружението за едукативен развој Еквалис.

„Еквалис го организира овој протест за да испрати силна порака на поддршка и поттик за истрајност кон храбриот српски народ кој со длабока посветеност сака одлучно да го симне авторитарниот режим и да побара политичка одговорност за случајот со срушувањето на настрешницата во Нови Сад во којшто беа убиени 15 луѓе, меѓу кои и еден македонски граѓанин“, велат од здружението.

Од таму велат дека на протестот солидарно ќе им се даде поддршка на студентите и студентките во Србија кои ги окупираат факултетите.

„Како држава којашто во своето демократско растење се има ослободено од авторитарноста преку Студентските пленуми, окупациите на факултетите и прогласувањето на факултетски автономни зони, нам, овој чекор не ни е непознат и нов и знаеме колку посветеност, храброст и истрајност се потребни да се застане на ваков начин во одбрана на својата држава“, додаваат од Еквалис.

На протестот ќе се прочита говорот и обраќањето на студентот Бошко Ристиќ од Нови САД.

„Ги покануваме граѓан(к)ите, студент(к)ите, младите, но и воопшто сите коишто сметаат дека, иако крајот на оваа година се ближи, не смееме да ги заборавиме оние коишто и покрај тоа продолжуваат да живеат во заробена држава“, велат од Еквалис.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе