Градоначалникот на Свети Николе не ја сака регионалната фабриката за преработка на отпадот, работата во свои раце ја превзема централната власт?
Штип, 22.02.2022
Дејан Владев, градоначалник на Општина Свети Николе ни изјави дека жителите од општината со која тој раководи не ја сакале на своја територија регионалната фабрика за преработка на отпадот. – „На наредната седница на Советот ќе биде поништена одлуката на овој орган за кај селото Мечкуевци да се реализира таков проект“, ни рече Владев.
Но, дали ќе се случи преседан еден градоначалник да запре европски проект од значење за 17 општини од кои 11 се во Источниот а 6 во Североисточниот плански регион?
JОРДАНОВ: Нема да оставиме поединец или само една општина да одлучува за стратешки и европски проект кој тангира околу 380.000 жители од два региона.
СЕКУЛОВСКИ: Светиниколскиот градоначалник на состанокот на Советот на ИПР одржан во Штип информира дека тие немало да дозволат на територија на нивната општина да се гради таков објект. Му беше укажано дека Советот на Општина Свети Николе веќе има донесено позитивна одлука во однос на овој проект
-Се работи за стратешки проект финансиран од европските ИПА фондови, се работи за проект чија реализација е веќе започната бидејќи општините од двата региона веќе добија канти, контејнери и современи возила за собирање и транспорт на отпадот. Покрај тоа на Советите на двата региони е донесена одлука за расчиствување и затворање на постојните депонии во сите општини, а со тој процес ќе се тргне веќе во месец јуни, годинава. Нема да оставиме поединец или само една општина да одлучува за стратешки и европски проект кој тангира околу 380.000 жители од два региона, ни изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип и претседател на Советот на Источниот плански регион.
По однос на ова важно комунално и еколошко прашање се обративме и до Министерстввото за животна средина и просторно планирање од каде побаравме одговор како ќе се разрешува оваа нова драмолетка во однос на едно од најважните стратешки прашања за секоја добро уредена заедница, драмолетка која трае цели 13 години.
-Светиниколскиот градоначалник на состанокот на Советот на ИПР одржан во Штип информира дека тие немало да дозволат на територија на нивната општина да се гради таков објект. Му беше укажано дека Советот на Општина Свети Николе веќе има донесено одлука за изградба на фабрика за третман на отпадот, поради што со пари од ИПА фондовите се купени возила за собирање и транспорт на отпадот во сите општини, набавени се канти и контејнери…Не може некој кој предизборно им ветил на жителите од неговата општина дека нема да дозволи реализација на ваква инвестиција сам да решава за вака важни регионални прашања. Регионите се договорија да направат кампања во однос на ова прашање, ни ијзави Сашо Секуловски, одговорно лице за информации од јавен карактер при Министерството за животна средина и просторно планирање.
Иван Јорданов, како прв човек на Советот на ИПР ни рече дека е најдобро сите 17 општини да застанат зад проектот, но ако Општина Свети Николе остане на ставот дека не ја сака оваа инвестиција, тогаш работата ќе си ја превземе централната власт посебно и поради тоа локацијата која е избрана како најповолна е на државно земјиште.