Делчево, 18.09.2019
Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, со сопствени средства ја помага доизградбата на црквата „Св.Кирил и Методиј“ во Делчево. На донаторската сметка тој уплати 500 евра во денарска противвредност, при што испрати апел до граѓаните и до фирмите во Делчево да се вклучат во донаторската акција.
-Јас испраќам апел до сите поединци, но и фирми, да донираат и сите заедно да бидеме горди на верскиот храм кој по својата габаритност и убавина ќе биде украс на градот и најголем и најубав верски објект во регионот и кој ќе го носи потписот на сите нас, на оваа генерација граѓани кои дале свој придонес во изградбата на светиот храм посветен на браќата Кирил и Методиј кои Делчево ги слави како свои заштитници, истакна Трајковски.
Неговиот пример го следеше и Игор Жежовски, вработен во Општина Делчево кој на донаторската сметка уплати 200 евра во денарска противвредност, а донации се собираат и од сите вработени во општинската администрација, како и во институциите во Делчево.
Доизградбата на соборниот храм „Св.Кирил и Методиј“ е во завршна фаза. Изградена е фасадата на црквата со поддршка од донаторот Милен Врабевски и Фондацијата „Бугарско сеќавање“, поставени се и влезните врати кои се донација од фирмата „Алдариво“ од Пехчево. Сепак, за комплетно завршување на овој проект потребни се уште средства.
Неодамна, Општина Делчево отвори посебна сметкa на која ќе можат да се уплаќаат донации за доизградба на соборниот храм „Св.Кирил и Методиј“ во Делчево. Донации можат да уплаќаат и правни и физички лица.