Делчево, 05.12.2018
Претставници од швјацарската консултантска фирма ЕБП и локалната консултантска фирма „Хидроенергоинженеринг“ од Скопје задолжени за имплементација на проектот „Водоснабдување на Делчево“, го одржаа првиот работен состанок со градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, претставници од ЈПКД „Брегалница“ од Делчево и претставници од работната група на Општина Делчево.
Целта на состанокот беше дефинирање на работните групи кои ќе учествуваат во реализацијата на активностите планирани во рамките на проектот, како и запознавање со проблемите и интенцијата на Општина Делчево за решавање на горливото прашање со квалитетот на водата за пиење.
Со реализацијата на проектот ќе се обезбеди подобрен квалитет на водата за пиење, унапреден систем за водоснабдување во Општина Делчево, зајакнати капацитети за финансиско и оперативно управување на Јавното претпријатие „Брегалница“ во Делчево, како и подобрено управување со водните ресурси во Делчево како поддршка на адаптацијата кон климатските промени.
Во рамките на инфраструктурните инвестиции предвидена е изградба на пречистителна станица за вода, продолжување на мрежата за водоснабдување до селата Ѕвегор и Габрово, инсталација на два капацитети за производство на обновлива енергија, а во текот на институционалната поддршка предвидени се корпоративни мерки за развој во Јавното претпријатие за комунални дејности „Брегалница“, како и комуналните претпријатрија од Пехчево и Берово.
На состанокот, градоначалникот Трајковски го потенцираше значењето на Проектот кој треба на Делчево и на двете села, Ѕвегор и Габрово, да им донесат чиста вода за пиење.
-Денес сум задоволен што ја почнавме работата со консултантите и експертите формиравме работни групи кои наредниов период, прво, ќе ја скенираат состојбата на теренот по што ќе започнат инфраструктурните работи. Изградбата на филтер-станица ќе обезбеди добар квалитет на водата за пиење на жителите на Делчево. Исто така, овој проект ќе ги зајакне институционалните капацитети на ЈПКД „Брегалница“ и ќе му помогне да се трансформира во модерно и одржливо јавно претпријатие. Овој проект е директно насочен кон зачувувањето на здравјето на граѓаните на општина Делчево. Јас се надевам дека оваа соработка со Швајцарската конфедерација ќе продолжи и понатаму во имплементација на други проекти од областа на третирањето на отпадните води во нашата општина и реализација на проект за изградба на пречистителна, рече Трајковски.
Мартин Раубер, проект-менаџерот од швјацарската компанија ЕБП истакна дека скенирање на состојбата ќе заврши до февруари.
-Ние ќе работиме наредните три години во Делчево и во оваа прилика би истакнал дека имаме одлична соработка со Општина Делчево и со луѓето од Делчево и, на крајот од проектот, граѓаните ќе добијат чиста вода, доволно вода и со добар квалитет. Денеска го почнуваме проектот, ќе ја скенираме состојбата и ќе ги идентификуваме сите ситуации, проблеми и предизвиците, а на крајот на јануари-февруари ќе имаме документ –извештај, по што ќе следуваат другите планирани активности, истакна Раубер.
Претставниците од консултантската куќа ќе отворат канцеларија во Делчево, а утре во ресторан „Либеро“ ќе се одржи првата работилница на која ќе бидат презентирани активностите на проектот и очекувањата. На оваа работилница, освен од ОпштинаДелчево и ЈПКД „Брегалница’, ќе присуствуваат и претставници од комуналните претпријатите од Берово и Пехчево, како и претставници од месните заедници од Ѕвегор и Габрово.
Вкупната вредност на Проектот „Водоснабдување на Делчево“ изнесува 7,3 милиони швајцарски франци, од кои 6 милиони се донација од Швајцарската Конфедерација, додека приближно 1,3 милиони швајцарски франци се домашна контрибуција на Владата преку Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Делчево.