Митрев ангажирал нов адвокатски тим, кој бара време да се запознае со предметот, да се направи увид и да ја подготви одбраната. Тој беше присутен на првото рочиште и изјави дека верува во институциите на државата и дека ќе ја докаже вистината
Поради промена на адвокатскиот тим на одбраната и потреба од негово докомплетирање, денеска се одложи првото рочиште за судењето на кардиохирургот и сопственик на приватна болница, Жан Митрев. Новото рочиште е закажано за 5 април.
Митрев ангажирал нов адвокатски тим, кој бара време да се запознае со предметот, да се направи увид и да ја подготви одбраната. Тој беше присутен на првото рочиште и изјави дека верувал во институциите на државата и дека ќе ја докаже вистината.
Од клиничката болница „Жан Митрев“ информираат дека вчера Кривичниот суд донел решение за определување на предлог мерки кои предвидуваат целосно блокирање на сметките на клиниката. Оттаму констатираат дека со тоа им била изречена „пресуда“ уште пред да почне судскиот процес.
Во однос на предметот, Митрев се товари за измама односно за прикривање клучни факти во однос на хемофилтрацијата, метод, за кој според обвинителството, пациентите не биле јасно информирани за сите негови позитивни и негативни ефекти, со што тие биле доведени во заблуда, а со цел противправно прибавување на имотна корист.
Во текот на постапката, како што информирааат од ОЈО Скопје, јавниот обвинител обезбедил докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице – приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од Ковид – 19, кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во различни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денари или 1,57 милиони евра.
Според обвинението, Митрев на пациентите и во јавноста прикажувал дека методот хемофилтрација е одобрен да се применува и е ефикасен за лекување од Ковид-19, притоа користејќи ги приликите на здравствената криза предизвикана од пандемијата.
Случајот со примена на хемофилтрација при лекувањето на болни од ковид-19 го обелодени Истражувачката репортерска лабораторија во документарецот со наслов „Нечиста крв“, по што имаше притисоци и тужби против истражувачките новинари од ИРЛ.