ЗАЕВ: Глигоров е еден од најголемите синови на Македонија БОЧВАРСКИ: Глигоров беше демократ кој се залагаше за толеранција
Штип, 18.07.2018
Денес со пригодна свеченост беше отворена спомен собата на првиот македонски претседател Киро Глигоров. Спомен собата се наоѓа во зградата на Мултимедијалниот центар кој го носи името на покојниот претседател. На настанот присуствуваше и премиерот Зоран Заев, министри, членови на владата, градоначалници од регионот, советници и многу народ.
За ликот и делото на Глигоров, роден штипјанец, говореа премиерот Зоран Заев и штипскиот градоначалник Благој Бочварски.
Бочварски овој ден го нарече “голем ден за Штип“, ден кога штипјани му ја оддаваат должната почит на својот сограѓанин и татко на нацијата, првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Тој и се заблагодари на Донка Глигорва, ќерката на Киро Глигоров, што со Штип ги споделила личните премети на нејзиниот татко за во неговата спомен соба да сведочат за една исклучителна личност каков што беше Глигоров.
„Ние, штипјани, ги цениме вистинските вредности и ги почитуваме вистинските македонски херои и патриоти. Затоа минатата година постхумно му го доделивме одличјето Орден Свети Никола на претседателот Глигоров. Со достојна почит и пиетет продолжуваме да се сеќаваме на него и на неговата суштински значајна улога во осамостојувањето на нашата земја и влогот со кои нѐ задолжи.
Претседателот Глигоров беше демократ којшто во својата долга и плодна политичка кариера секогаш се залагал за толеранција и искористување на придобивките на здрав политички дијалог. Не само што ја означи сувереноста и самостојноста на Македонија, туку и искрено и напорно работеше нашата земја да биде интегрирана во сите релевантни меѓународни организации. Неговите бројни походи по македонски успеси во светот беа ослободени од национализам, а посветени на мирот и пријателството, сѐ со цел за меѓународно етаблирање на македонската држава“, рече Бочварски.
Тој потсети дека за неговата посветеност и желба да се исправи Македонија на нозе, говорел и фактот што на претседателска функција стапува на негови 73 години, после долга, плодна и полувековна политичка кариера во Белград. Претседателот Глигоров одлучил да ја жртвува спокојноста што би му ја донеле неговите пензионерски денови, за да ги постави институционалните темели на самостојната македонска држава и да ја исправи нашата држава на прав пат. Од тешкиот процес на разидување на републиките на СФРЈ, Македонија е единствена земја што излезе без ниту еден испукан куршум, а заслугите за таа среќна околност се во целост негови.
„И нема поголем доказ за патриотизам од тоа да се жртвуваш за да спречиш изолирање на државата и истовремено да обезбедиш мир за своите сограѓани. Кога од оваа временска дистанца ја оценуваме и вреднуваме работата на претседателот Глигоров, можеме без сомнеж и колебање да кажеме дека секогаш постапувал мудро, рационално и добро обмислено, како вистински државник. Заради неговата дипломатска, политичка и државничка умешност, Македонија не е недефинирана територија, туку членка на ООН и на бројни други важни меѓународни организации, а со реални можности за што поскоро интегрирање и во НАТО и ЕУ. Времето покажа дека за овие негови заложби, претседателот Глигоров бил целосно во право и тој во нашата историја и меморија останува историска фигура со огромни заслуги, за коишто, што и да направиме, ќе биде малку за да му се оддолжиме и заблагодариме“, потенцира Бочварски.
За премиерот Заев Нема сомнеж дека Киро Глигоров е еден од најголемите македонски синови:
„Глигоров е еден од великатните на македонскиот народ. Од учесник во НОБ па се до неговите два мандати како претседател на Македонија во најважните мигови на нејзиното осамостојување, Глигоров се вгради во нашата историја како темелен столб во нејзиното создавање. И затоа овој ден е голем ден како за Штип исто така и за целата наша држава“, рече премиерот Заев.
Заев посебно нагласи дека претседателот Киро Глигоров застанал на чело на младата македонска држава во моменти кога се поставуваше прашањето да се биде или не.
„Неговата мудрост, огромното политичко искуство, неговиот интелект, беа огромна предност кои на Македонија и помогнаа речиси негибната да излезе од крававиот распад на Југословенската федерација, и да стане меѓународно признанен ентитет“, посочи Заев.
Премиерот уште нагласи дека под мудрото раководство на Глигоров, во клучните први години Македонија, успеала да опстане и покрај ембаргата и санкциите од соседите и успешно да се избори со внатрешните предизици и поделби, за потоа да се етаблира во заедницата на независните држави.