Заедно со “космодискот“, да го испратиме Иванов во “црната дупка” на Космосот!?

Oхрид, 05.5.2017

  • Предлагам од денеска, апсолутен молк и заборавање, неспоменување на името – Ѓорѓе Иванов. За почеток, на социјалните мрежи, а после тоа тотален молк во медиумите, кои и малку држат до својот интегритет. Молк во печатот и сајбер просторот
Пишува: Веле Митаноски
Пишува: Веле Митаноски

Али Ахмети, веќе ја кажа својата “беса”, Касими и БЕСА сеуште не се изјасниле, или, барем, јас не сум чул, за Алијансата на Aлбанците на Села, знам дека не сакаат ниту да слушнат, ама, макар и сам, ја поддржувам намерата на веќе извесниот мандатор и наш иден премиер, Зоран Заев да оди во вилата на Долно Водно. Тоа е исправен, државнички став и покрај сето зло што  му ги нанесе нему лично и на државата. Тоа не е никакво понижување за Заев, туку конечен морален пораз на Прецедателот! Со која совест ќе го погледне Зорана во очи, со раните на челото?  И штом веќе не се одважи “таткото на сите грагани” да појде, да види дали е Села сеуште жив (односно дали сеуште не умрела Македонија!?), предлагам, кога тој ќе излезе од болница, него и неговиот спасител, Абдулфетах Алими, да ги поздравиме како “херои на нашето време!”.

 Лугето ја сакаат слободата за да изберат каде ќе ги одведат нивните чекори! (Пауло Кујелјо).

Не да се види со човекот, кон кој сеуште мораме да се обраќаме како кон “претседател на Република Македонија”, току тој човек (ако и воопшто е тоа!?), да си го види, својот одраз на ликот, во лепенката на челото од Зоран Заев и конечно да свати дека, медицинските сестри, само технички ја поставиле, а ја произведе токму тој, чие име го извикуваа дивите орди, со очи полни жедност за крв, предлагајќи го за цар на Македонија!?

Ајде, време е да го споменам, тоа е Ѓорѓи Иванов, официјално – претседателот на Република Македонија, значи, царот наш Ѓорѓи, племиќот од Паљурско!

Овдека, пред да продолжам за царот, уште еднаш, сакам, сега посебно,  моите од регионот, сега општина Дебрца (тука го наведувам и авторот Бранко Цветкоски, мојот ценет издавач на една од моите книги, кој сега ми се обраќа како кон “новинар и книжевник во обид!”, демеk, со “книжевни амбиции” (!?), да ги поздравам со лепенката на челото на Заев. И тие се дел од ова “херојство”!

Поздравот им го испраќам, преку, само два-три збора на писателот Владо Малески (таткото на професорот, ценет колумнист, поранешен, наш, шеф на дипломатијата, Денко Малески), или Езерско Дримски, или Тале (партизанско име), или, како што го викаше Тале – Мале, неговиот соборец ( и домаќин негов во куќата во која сум се родил во Црвена Вода),  дедо ми Ангеле. Селанец, Бог да му душа прости, во војната се “потпишувал” само со отпечаток на десниот палец, ама стекнал толку доверба, што Петре Пирузе му рекол: “Ангеле, ние те одбравме тебе, иако си во години ( Тале би рекол “човек со напластени години”) , затоа што со месеци те “цедевме”, како што вие го цедите млекото кога правите сирење. Толку-кој разбрал, разбрал!?

Значи, мои Дебрчани, денешни “војводи” (од Илија Димоски, преку Трајка, па Гоца, па Ставре, се до првовенчаната со ножот-“пресветата” Валентина – Вале!?), печатот (“мурот”!) кој вие и царот, ваш,  Паљурски, му го  удривте на челото на Заев,  писателот и борец Владо Мале,  Тале,  Езерко Дримски, го нарекуваше: “Жег, овалелен потемнет”, а вие, со мене не сте “земљаци”, ниту  “земјаци” (тоа се кромпирите-најубави се велмешките, од кај Ставрета!), туку, еднокрајци, како што пишува Езерко Дримски.

Нејсе, поради жегот, или жигот на челото на Заев, откако во него ќе се преслика претседателот Иванов, предлагам, во тој момент, барем за нас новинарите, да престане и да нестане, исчезне неговата употребна вредност! Еве како, на еден најсвеж, денешен (кога ќе се објави текстов ќе биде – вчерашен!) пример. Претседателот Иванов, вчера прими бројна делегација: претседателите на сите општински Совети за безбедност во сообраќајот, на чело со “сесојузниот” претседател. Веста, лично, ја прочитав на електронскиот весник на Македонците во Албанија “Илинден” со интегралниот, поприлично долг, пригоден говор на Иванов, по повод 55 годишнината на Советот.

“Пробуричкав” по агрегатите. На ТИМЕ МК, има само 17 објави. Ако ја иземам “Точка”, сите други се курирски, или на врска со “Курир”!? Изјавата, пак,  на Никола Сребров, дел од ентериерот (заедно со Климовски, Каракамишева, сограганката Виолета Ачковска е едноземката Валето на ТВ Нова), насловена: Лидерската позиција на Груевски, во моментов, е најцврста, бидејќи мнозинството ГРАЃАНИ  во него гледаат лидер”, е пренесена “дури” 3 (ТРИ) пати!?  Еве, рецепт како да се отарасиме од Иванов.

Во новинарството, од гимназиските денови и “Јужен Бран” до Новинската агенција МЕТА денес (со “некнижевни” колумни и по други медиуми), сум “само” 55 години. Едно време, ресорно и официјално, ја водев Агенцијата за информации на Република Македонија (знам дека нема да верувате, не веруваа и тогашните уредници нивни!), од парите што ги делевме за медиуми, добиваше “колаче” и тогашниот весник на вемерето!?

Ресорно, ама не и јавно, паралелно, еден период (не е никаква “државна тајна” за да не се открие!), ја водев и Канцеларијата за јавност, во владата на Бранко Црвенкоски.Се додека, на тоа место не дојде Игор Иваноски-Шема, согласно шемите на “Шефицата над Шефот” (да бидам коректен докрај кон Бранка (Цветкоски!) насловот на одломката од мојата книга, за македонската левица гласи: “Со светот управуваат мажите, а со мажите-жените!?”), значи, Наташка Савова, солунската колешка на дамата со гаќите од 500 евра!? Знам дека не ми верувате, ама оттогаш (временски, а не поради мене големиот “држалник” – Стојан Андов!), почнаa да се испишуваат буквите за “мурот” на челото на Заев, така почна распадот на СДСМ, а ( бидејќи: “Што ќе ние е СДСМ без државата!”), и распадот на самата држава! Имам еден куп аргументи за ова, а доста се и објавени во “Рани спомени”.

Со сето тоа искуство, со сите тие “напластени години”, знам едно: Во реалноста постои само она што постои во медиумите. Особено сега со Интернетот, во виртуелниот свет: Сите белци, за чавките се црни и обратно! Реалноста е илузија на перцепцијата. Ако ја промениш перцепцијата, ќе ја промениш и реалноста!?

 

Предлагам од денеска, апсолутен молк и заборавање, неспоменување на името – Ѓорѓе Иванов. За почеток, на социјалните мрежи, а после тоа тотален молк во медиумите, кои и малку држат до својот интегритет. Молк во печатот и сајбер просторот! Дека сум цврст во намерата, ќе се уверите. Од денеска, тоа име за мене повеќе не постои. Ниту во еден контекст! Знам дека на ова ќе се “мудрува”, во смисла: ама не е битен тој, туку институцијата!? Каква институција, какви бакрачи! Таа институција ја претставува човек, ако воопшто е тоа, со конкретно име и презиме.Човек, кој не си ја чува институцијата, туку ја бербати по дома и по надвор-до каде ќе стигне! Човек кој беше горд државник, кој не прима Американци под неговото ниво, а само после два дена, пред него, преде како маче, барајќи лична заштита, во време кога неговите орди на пратениците им ги цепеа главите!? Кој сака нека продолжи да пишува за “намигнувањето” на Обама и за сите други сеуште недозреани, “скинати зелени” валандовски калинки!

Еве, конкретно тој човек наскоро ќе фати џаде за Москва (под услов Грујо да не му го расипе авиончето!?), да прими признание од поглаварот Московски и Серуски г.г. Кирил. Што ќе известиме од таму? Дали за некоја нова “калинка”, како при неговата претходна “државничка” посета на Москва – до македонската амбасада и Универзитетот “Ломоносов”. Да, во право сте, дури и тоа не е за потценување – да се зборува пред студентите и професорите на еден од најугледните универзитети во светот!

Да, ама уште посилно “ќе не кине туѓиот срам”, ако човекот кој се претставува како претседателот на вашата татковина, сега пред Поглаварот на сето православие во светот (реално, оној на Фенер во Стамбол е само формално!), повтори дека доказ  и “референца” за блискоста на македонскиот со рускиот народ, е “зелената калинка”, дека Георги Маљенков, најголемиот крвник после Сталин, е од Македонија, од Охрид, од Маленкови!!!???

Не го заболе Бранка Цветкоски – Слатински, од  македонскиот Кумровец, тоа што јас сум “книжевник во обид”, туку насловот на една од одломките на “не книжевникот”: ВМРО ДПМНЕ, или нишање на возот!? Не е напишан денеска, туку уште во 2008-та, а објавен во 2011-та (“Рани спомени”, стр.519). Метафората, како што го направив тоа и со мотото за втората книга “Спомени рани” (позајмена од книгата на Денко Малески “Бебе од Катран”: “Ова е секирата на дедо ми, татко ми го промени сечилото, а јас дршката”!),  да не си ја присвојувам, позајмена е од рускиот автор Јуриј Бориев, од делото “Сталинада”:

“Возот патува кон светлата иднина управуван од Ленин, пишува тој. Наеднаш стоп! Шините завршуваат. Ленин им наредува на Русите да работаат и во сабота. Шините се поставени и возот поаѓа. Сега веке управува Сталин. Одново железниот пат се прекинува. Сталин наредува да бидат стрелани половина од кондуктерите и од патниците, а на останатите им наредува да постават нови шини. Возот тргнува. Сталин е заменет од Хручов. Откако пак завршува, тој наредува да се демонтираат шините што останале одзади зад возот и да се преместат пред локомотивата.На местото на Хручов доаѓа Брежњев. Кога патот повторно прекинува, Брезњев наредува да се спуштат завесите на купињата и вагоните да бидат нишани за патниците да си мислат и да имаат илузија дека возот сепак се движи и продолжува напред”!!!

Ќе речете: “Нишале”, ама победувале десетина пати!  На два пати имале претседател! Тоа е точно, имале претседател (од кој јавно се откажаа!) и имале претседател – кој јавно го управуваат со “далечинското”!? Едно време се велеше: ВМРО ДПМНЕ и магаре да стави на листата (ова да не го примате пријатели ВМРО-овци како навреда, туку како хвалоспев!), ќе победи!

“Магарето, ако не е речовито, гласовито е, а ?”

(Владо Малески, Тале, Езерко Дримски, Тале-Мале, по дедо ми Ангелета).

 

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе