Здравствен третман со традиционална кинеска медицина само во Штип
Штип, 21 декември, 2016
Не постои болка која за многу кратко време не може да биде смирена. Дали болката е во кичмата, во вратот, во грбот, рамењата, нозете, забите, од неа можете да се спасите речиси за миг. За тоа е потребен само мал напор-да го посетите Центарот за традиционална кинеска медицина кој се наоѓа на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делев“ во Штип, односно во реновираниот дел на средното текстилно училиште кое е во самото срце на градот. Со центарот раководи директорката доц.д-р Ленче Николовска.
Доктор Васка Спаскова, раководител на секторот за аналитика, вели дека ова е единствениот комплетен центар за традиционална кинеска медицина во Македонија. –„Постоиме од средината на месец февруари, оваа година, откако предтоа цела една година, петмина од нас, меѓу кои и двајца доктори, успешно ги поминавме студиските програми на соодветниот Универзитет во Пекинг. Нашиот престој и остручување беше во рамките на соработката која ја востановија владите на Кина и на Македонија. Ние таму одлично навлеговме во тајните на традиционалната кинеска медицина. Треба да се знае дека во Кина има болници кои се бават со традиционалната медицина на својата земја, а кои се за десетпати поголеми од нашиот Клинички центар “, вели Спаскова.
По враќањето од Кина екипата започна да ја практикува традиционалната кинеска медицина, но и комплементарната медицина и кај нас. Инспиративниот персонал е засилен со Жу Јихе, професор доктор од Кина.
„Не посетуваат граѓани од сите краишта на Македонија. Од Охрид, Кичево, Богданци, Гостивар, Гевгелија, Струмица, од сите места во нашата источна Македонија. Им помагаме да се ослободат од лесни депресивни состојби, имаме програм и третман за обична релаксација, третман за постоперативно закрепнување. Сепак, главното се интервениците на локомоторниот систем, дископатиите, лумбоишијалгиите, сколиозата (искривен дел од рбетниот столб), решаваме состојби на зафатеност на нервите на лицето, многу успешно ги решаваме парезата и парализата како и состојби после мозочни удари“, нагласува доктор Спаскова.
Цените се исклучително поволни за секого. Просечна цена на третман е 650 денари.
Од овој ценатр велат дека најдобро е кога нивната институција би била сместена во новата Клиничка болница кога таа ќе биде изградена. Спаскова укажува дека на нив местото им е таму каде што се пациентите, односно во болниците за докторите од здравствената установа да можат пациентите да ги упатат во овој центар заради нивна побрза рехабилитација и оздравување.
Телефонот на оваа институција е 032/550-420