Штип, 02.04.2018
Илчо Захариев, екс штипски градоначалник и Игно Иванов, бивш директор на ЈП „Стипион“ заработија кривична пријава со која се сомничат дека го оштетиле буџетот на општината за околу 250.000 евра.
Гордана Панајотова, портпарол во СВР Штип, информира дека Илчо Захариев, како градоначалник на општината Штип, противправно издал одобрение и наредба за отстранување на објекти околу Градскиот базен како и продажба на истиот без да добие согласност од Советот на Општина Штип. Истовремено второпријавениот постапил несовесно при спроведување на постапката.
Нивните незаконски активности не сакал да ги реализира поранешниот директор Тони Јовев, поради што експресно бил сменет од директорското место во ЈП „Стипион“ на која позиција Захариев го устоличи поддржувачот на сите свои политики Игно Иванов.
Основното јавно обвинителство во Штип до сознанието за можна злоупотреба на осомничените Захариев и Иванов постапило врз основа на анонимна пријава за продажбата на земјиштето кај стариот базен во Штип, каде според идеите на Захариев, требало да се гради гради спортско рекреативен центар.
ЗАХАРИЕВ: Изработен е проект СРЦ „Брегалница“ финансиран преку германската влада и Источно планскиот регион. Продажбата на базенот и парцелите е со одлука на Совет на општината. ЈП „Стипион“ исто така со одлука на Советот доби нови простории во Новакова чешма…
МИТАШЕВ …Потоа дојде подметнувањето на едно, би рекол кукавичко јајце од страна на Захариев-предлог одлука со која се налагаше на ЈП „Стипион 2011“ да ги сруши објектите кај базенот затоа што тој плац требало да го продадеме на инвеститор. Беше премногу провидно, предлог одлуката не ја ставив на дневен ред, јас само спасував глава од потпишување криминални одлуки… (изјава на поранешниот претседател на Советот на општината за Штипски глас, септември 2017 година)
Очекувано, во изјава за дел од медиумите, осомнјичениот Илчо Захариев ги отфрли обвинувањата. Се брани дека за тој простор постоел детален урбанистички план донесен од Советот на општина Штип.
„Изработен е проект СРЦ „Брегалница“ финансиран преку германската влада и Источно планскиот регион. Продажбата на базенот и парцелите е со одлука на Совет на општината. ЈП „Стипион“ исто така со одлука на Советот доби нови простории во Новакова чешма. Целата постапка за продажба и отстранување на објектите кои беа руина е спроведена законски. Општината инкасираше 600.000 евра од продажбата на земјиштето за овој спортски центар. Уверен сум дека и оваа кривична пријава ќе биде отфрлена“ – вели во изјавата Захариев.
Захариев како градоначалник чиј четиригодишен мандат помина со многу контроверзи и афери, и кој самиот, за медиумите, уште кога беше при крајот на мандатот се пофали дека против него имало 42 кривични пријави. Првата кривична пријава ја доби минатата година во септември месец, а таа беше исто така за злоупотреба на службената положба и овластувања. Се очекува наскоро да биде познато дали оваа пријава ќе биде прифатена или отфрлена.
Захарив, во својот одговор, се вади на фактот дека Советот на општината ги носел сите одлуки кои тој ги потпишувал. Но, во поголемо интервју за штипскиот месечник Штипски Глас, во бројот од месец септември 2017 година, тогашниот претседател на Советот, д-р Влатко Миташев, јасно и децидно кажа дека спасувал глава од потпишување криминални одлуки што од него го барала токму Захариев! Еве што, во врска со замјиштето на кое беше Градскиот базен изјави тогаш Миташев:
„…Потоа дојде подметнувањето на едно, би рекол кукавичко јајце- предлог одлука со која се налагаше на ЈП „Стипион 2011“ да ги сруши објектите кај базенот затоа што тој плац требало да го продадеме на инвеститор. Беше премногу провидно, предлог одлуката не ја ставив на дневен ред, ја преработив и ја ставив на начин на кој го спасивме Јавното претпријатие од трошок од 15.000 евра кои требаше да ги даде за да се самосруши. И тоа ми беше земено за опортунизам! А јас само сапсував глава од потпишување криминални одлуки“, изјави Миташев во интервјуто за Штипски глас.