Штип, 15.01.2019
„Имаме квалитетни фудбалери, одлично раководство и локална власт која е посветена финансиски да го помага клубот. Всушност, имаме се што ни е потребно за освојување на второто место и играње во баражот, а потоа и учество во Првата фудбалска лига“.
Ова, во интервју за за istokpress.mk и за месечникот Штипски Глас го вели Зоран Штејовски, новиот шеф на стручниот штаб на ФК Брегалница-Штип.
Штерјовски како тренер има богата бографија. Ги тренирал Пелистер, Победа, Силекс, работел во Грција, Бугарија и во Кина од каде, по враќањето, бил ангажиран од раководството на штипска Брегалница.
„Со задоволство ја прифатив поканата на директорот Елмир Мандак да бидам дел од една нова, убава приказна на спортскиот миленик на штипјани. Кога се соочив со играчкиот кадар заклучив дека ни фалат поквалитетни фудбалери на три позиции. Две од трите позиции раководството ургентно ги пополни, а наскоро ќе го добиеме и третото зајакнување. Затоа велам дека раководството на клубот прави се за Штипјани да гледаат прволигашки фудбал“, појаснува Штерјовски.
Новиот стратег на Брегалница од публиката бара да го поддржат клубот и кога не му оди најдобро.
„Само таа силна синергија помеѓу фудбалерите на теренот и публиката може да даде резултат. Фудбалерите најмногу сакаат да ја почуствуваат љубовта на својата публика кон нив кога не им оди најдобро. Се надевам дека тоа таке ќе биде во Штип и насекаде каде што ќе гостува Брегалница“, вели Штерјовски.
Тој ветува напаѓачка игра, но и тактички умна. Тврди дека фудбалерите ќе донесат многу нови задоволства на публиката зашто таа не само што е тринаесетти играч, туку е и главниот мотиватор за една позитивна атмосфера не само на теренот, кога клубот игра, туку и воопшто во животот и просперитетот на Брегалница.
Брегалница до 4 февруари ќе тренира во Штип, потоа оди на десетдневни подготовки во Охрид каде ќе има и неколку контролни натпревари. Првенството во Втората фудбалска лига започнува на 9 март, а Брегалница првиот натпревар го игра во Ѓевѓелија со Кожув.