Кочани, 10.11.2019
Фабриката Антура лоцирана во Кочани деновиве ја прослави петгодишнината од постоењето и успешното работење. Таа е странска инвестиција, а ако сте помислиле дека се работи за конфекција или нешто слично на тоа сте се излажале. Антура е единствена фабрика за производство на саден материјал. Проиведува две врсти на цветни садници-Орхидеја и Антуриум.
Во Антура работат 500 работници, а на почетокот од идната година таа бројка ќе се зголеми за нови 100 до 120 лица.
Столе Гугушовски како директор стои на чело на Антура. Ја води од првиот ден, од 2014 година кога започна со работа. За istokpress.mk вели:
-Се работи за нов вид работа во регионот за што менаџерскиот тим беше на обука во Холандија и во Кина додека операторите ги обучувавме тука, во самата фабрика. Нашите млади луѓе се интелигенти, бргу ја сватија работа, најголем дел од нив успешно ја поминаа обуката и добија решенија за работа, вели Гугушовски.
Гугушовски укажува дека целокупното производство е за извоз, а најголем дел од производството оди во сестринската фабрика во Германија на аклиматизација зашто во фабриката во Кочани растат во прилагодена лабораторија. Всушност растат од хранлива подлога.
-Се работи за процес кој трае долго, од иницијација до пазар поминува од 18 до 24 месеци. Сепак нарачките ги добиваме на време па ние денес знаеме колку и за каде ќе произведуваме во наредните пет години. Бидејќи нарачките растат, во овие наши 24.000 метри покриен простор од почетокот на идната година ќе работат над 600 работници, појаснува Гугушовски.
Антура е интернационална компанија за производство на саден материјал и покрај фабриките во матичната Холандија има фабрики уште во Германија, Кина и во нашата држава.