Кочани, 04.01.2018
Кочани има полнач за електоромобили, возила чие погонско гориво е електричната енергија, а во градот па и на истокот од државата таков автомобил нема!
Актуелното општинско раководство се правда со фактот дека договорот за набавка на оваа направија бил склучен во месец октомври, минатата година, а потписник на истиот од кочанска страна бил тогашниот градоначалник Ратко Димитровски.
За најновата, најсветска направија, заедно со купениот специјален скутер, општина кочани искеширала 548.228 денари, што во „наши пари“ е еквивалент на околу 9.000 евра. Која била идејата на поранешниот градоначалник не е познато, можеби бил со намера да купува автомобил за општински потреби кој ќе вози на струја. Се разбира под услов да го добие новиот мандата. Ама тоа не се случи а „базната станица“-полначот гордо си стои пред зградата на Општина Кочани.
Општината набавила и скутер на електричен погон, тоа би требало да значи дека, барем засега, само курирот во општината кој разнесува пошта од локално значење ќе има можност да се користи со оваа новост.
Во информацијата лиферувана од Општина Кочани стои дека набавката на станицата и на електромобилот е „заради подобрување на квалитетот на граѓаните на локално ниво, со намалување на штетните гасови, намалување на урбаната бучава, заштитеноста на почвата и водата, помали трошоци за одржување и пониска цена на погонското гориво, како и актуелниот развој на автомобилската индустрија.“
Понатаму граѓаните се информираат дека од технички аспект, станицата за полнење електромобили е уред со веб-апликација, со RFID-картички со коишто располага Општината, а со кои се овозможува пристап за полнење. Станицата има два излеза што значи едновремено може да се полнат два електромобила. Тоа значи дека ако имаш електромобил ќе мора да влезеш во општиската зграда и да ја побараш специјалната картичка за да можеш да полниш. Скутерот пак бара полнење од 7-8 часа за да може да издржи возење од околу час и половина, односно околу 80 километри.
Тоа треба да значи дека засега само курирот во општината кој ќе разнесува пошта од локално значење ќе има можност да се користи со овој нов изум. Ќе дојдат ли во Градот на оризот наскоро автомобили на електричен погон ќе каже иднината. Која иднина и тоа не е познато.