Кочани, 17.09.2019
Во тек е рокот за доставување понуди за изведба на градежни работи за рехабилитација на пешачко-велосипедски патеки и реконструкција на планинарски дом на Пониква.
Работите ќе се изведуваат со средства што ги доби Општина Кочани во рамките на подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“ финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската Унија, администриран од Светска банка. Процесот на понудување ќе се спроведе согласно методот Национално јавно наддавање по упатството на Светска банка, а понудите ќе бидат јавно отворени на 9 октомври 2019 во 11 часот.
Проектот „Планински велосипедски рај“ опфаќа изградба на патеки за планински велосипедизам на Осоговските Планини во вкупна должина од 35 км, на релацијата Пониква – Брана Гратче – Кочани, обновување и опремување на планинарски дом на Пониква.
Според описот на проектот, за планинарски дом ќе биде наменета една од старите воени згради на Спортско-рекреативниот центар „Пониква“, сега во руинирана состојба, со габаритни димензии 7 х 35 м, со поставеност од североисток кон југозапад.
Предвидена е реконструкција на кровот на планинарскиот дом, согласно проектната програма. Постојниот кров ќе биде срушен и ќе се гради поткровен дел со ист облик како и соседниот објект, со што ќе се добие една естетска целина на околниот простор. Во дел од објектот се планира да се изведе подрум за поставување печка за парно греење на пелети. Фасадните прозорци и врати се предвидени со ПВЦ-браварија, а ќе постави и термичка изолација. Планинарскиот дом ќе биде целосно опремен.
Во рамките на проектот, на шест локации кон Пониква ќе бидат поставени контејнери со дрвени настрешници.
Реализацијата на проектот „Планински велосипедски рај“ ќе придонесе за проширување на туристичкиот потенцијал, со посебен акцент на планинарството и планинскиот велосипедизам.