Кочани, 02.10.2019
Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев и претставникот на фирмата „Стојменов“ Дејан Стојменов го потпишаа договорот за изведба на градежните работи за реконструкција на 3,5 километри од локалниот патен правец што го поврзува градот со селото Мојанци.
Реконструкцијата ќе се реализира со грант од над 15 милиони денари од Швајцарската агенција за развој и соработка како дополнување на проектот за веќе изградената регионална Пречистителна станица за отпадни води што е лоцирана во близина на ова населено место.
– Квалитетот на овој локален пат е многу важен, не само поради побрзиот пристап до Пречистителната станица, туку и затоа што ќе овозможи побезбеден приод за околу 1.600 жители до трите села коишто гравитираат кон овој крај, Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци. Сегашниот коловоз ќе се прошири од постојните 3 на 4,5 метри, а ќе се изгради и тротоар со ширина од 1,5 метар, соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.
Претставникот на фирмата „Стојменов“, којашто го доби тендерот за реализација на овој проект изрази подготвеност да одговори на пропишаните услови, рокови и стандарди за работа.
Проширувањето и надградбата на коловозот ќе се изведува од преминот преку железничката пруга кај компанијата „Антура“, па сè до влезот во селото Мојанци. Се очекува работите да започнат наскоро.