Кочани, 05.02.2020 година
Традицијата продолжува. Осуммина ученици од Основното училиште „Владимир Назор“ од Крижевци, Република Хрватска, со наставничката по физичка и здравствена култура, Ксенија Крањчец од 1 до 8 февруари зимуваат на Пониква, Осоговски Планини.
Гостите од Крижевци се сместени во хотелот „Осоговски бисер“ и велат дека уживаат во планинските убавини.
– Многу ни е убаво. Секоја година доаѓа по едно од двете училишта во Крижевци на зимување на Пониква. Еве, овојпат ние сме на ред, децата се воодушевени, секој ден пешачиме по 6 – 8 км, ги проучуваме шумските патеки, па можеме на следните генерации да им пренесеме дека овде е убаво – изјави Ксенија Крањчец, наставник по физичка и здравствена култура во крижевското училиште.
Хрватските гости ги истакнуваат одлична храна и љубезноста на домаќините, а по неколкудневен престој и задоволството од снежната покривка што ја има на Пониква и можноста да се скијаат и санкаат.
Учениците ги посети градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев, на кого можеа да му ги пренесат впечатоците од престојот на Пониква.
Зимувањето на дел од најдобрите ученици од Крижевци го обезбедува Општина Кочани. Тоа е дел од соработката меѓу двата збратимени града, воспоставена во средината на осумдесеттите години. Градот Крижевци, пак, пак им овозможува летување на островот Паг на учениците на генерацијата од осумте училишта од Кочани.