Лицата со незавршено средно стручно образование може да се дообразуваат за полесно да најдат работа
Невработените лица кои бараат работа, а немаат довршено средно стручно образование, имаат можност да го завршат и да добијат државна призната диплома со II и III ниво на стручни квалификации, со што полесно ќе можат да најдат работа. Ова го овозможува ИПА проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“ кој го спроведува Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија. Пилот-мерката „Втора шанса“ беше промовирана денеска, а се реализира со пари од Европската Унија.
Министерката Јованка Тренчевска кажа дека во стратешките цели на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) е да се активираат што повеќе лица од ранливите групи на невработени лица како што се: млади, долгорочно невработени, жени и корисници на гарантирана минимална помош на пазарот на трудот.
„Втора шанса“ беше воведена во Планот за гаранција за млади како можност младите лица кои не се во фаза на образование, не се вработени и не се вклучени во обуки, а се на возраст до 29 години, да се доквалификуваат или преквалификуваат и да се стекнат со уверение за стекнато знаење и вештини во рамките на формалниот систем на образование. Потоа, „Втора шанса“ како пилот мерка за вработување се воведе во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2022 година и 2023 година.
Раководителот на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Стефан Худолин, кажа дека главните предизвици се неусогласеноста на пазарот на трудот и недостигот на знаење и вештини кои се потребни на денешниот пазар на трудот.
„Оттука и високата стапка на невработени лица од ранливите групи. ЕУ ја поддржува Северна Македонија во справувањето со овие предизвици со инвестирање во реформи и програми кои ја зголемуваат вработеноста на луѓето од ранливите групи. „Втора шанса за образование“ е дел од ова. Програмата ќе донесе и лични задоволства и доверба, социјална вклученост, подобра интеграција во општеството,” истакна Худолин.
Според податоците од 31 јануари 2023 година, од вкупно 111.896 невработени лица, 58 отсто се лица без образование и со основно образование, а 9 отсто се со непотполно средно образование.