Охрид, 3. август 2018
Синоќешната Бахова вечер, под сводовите на централниот музички храм-катедралната црква “Света Софија”, долго ќе ја паметат музичките сладокусци, кои секоја вечер му го псоевтуваат своето внимание на фестивалот ”Охридско лето”.
Прекрасен концерт, голем интерес од страна на публиката и дела од Бах кои беа прецизно изведени. Со ваквите, ласкави оценки, го проследија присутните музицирањето на големите руски уметници Александар Књазев, Сергеј Крилов и Николај Лугански.
Класична Руска школа!
Руското трио изведе прилично тешка програма но со впечатлива интерпретација преку што можеше да се почувствува длабочината на творечкиот дух на врвниот композитор Јохан Себастијан Бах.
– Се чувствувавме навистина комфорно на оваа сцена но програмата беше многу тешка дури и за луѓето кои потполно владеат со инструментите. Секако, ние уживавме, но не е доволен целиот живот за да ја доловиме оваа музика. Многу ми е мило што свиревме совршено и моите колеги навистина ме поддржаа со свирењето. Успеавме и публиката да ја задржиме во оваа вечер на Брамс, изјави по концертот виолинистот Сергеј Крилов.
Волшебното музицирање, лириката и тоналната убавина во свирењето припаѓаат на квалитетите што му го обезбедија местото на Сергеј Крилов меѓу најреномираните изведувачи на денешницата.
Лауреатот на бројни интернационални натпревари, Русинот Александар Књазев е еден од најдобрите виолончелисти на денешницата. Неговите настапи низ светот постојано добиваат одобрувања од публиката и критиката.
Николај Лугански критичарите го опишуваат како пијанист со исклучителна префинетост и чувствителност, со „кристална убавина“ во свирењето слична на онаа што ја имале големите Моцарт и Шопен, како и виртуозност што потсетува на Рахмањинов и на Прокофјев.
Веле Митаноски