Штип, 06.02.2021
Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски денеска е во посета на Штип, Карбинци и Берово. Тој на прес-конференцијата во Штип истакна дека СДСМ секојдневно расте, се модернизира, менува и дигитализира, за да, како што рече, уште повеќе и подобро им служи на граѓаните и на државата. Посочи дека процесот на ажурирање на членството се одвива со одлично темпо, а членовите се силно мотивирани.
– До овој момент околу 36 илјади наши членови направиле ажурирање на своите податоци, го потврдиле членството во СДСМ, во овие три недели. Процесот продолжува да трае до 25 февруари. Истовремено голема е заинтересираноста на нови членови, на многу млади, кои секојдневно се приклучуваат на СДСМ, кон најсилната, наjразноликата, најмодерната и најдинамична политичка структура во државата, вели Николовски.
Посочи дека најважно за нив како политичка партија се вредностите, визиите и политиките коишто значат прогрес, напредок, правда, социјална држава, ефикасно здравство, институции, како и повеќе пари кај граѓаните и инвестиции.
– Поголеми плати и пензии, како што го реализираме, повеќе мерки и пари за фирмите. Поголеми шанси за сите млади и подобар систем, правда и поредок. Граѓаните препознаваат дека само со СДСМ може да продолжи напредокот, вели Николовски.
Забележа дека токму затоа граѓаните во сите општини се приклучуваат кон новиот СДСМ, а партијата е креатор и гарант на едно општество за сите граѓани, затоа, како што рече Николовски, во нивната партија пристапуваат граѓани од сите етнички заедници. Генералниот секретар на СДСМ информираше дека во секоја општина направиле и Општинска организација на СДСМ. Порача дека продолжуваат да работат уште поодговорно и попосветено за интересите на секој граѓанин во нашата земја.