Обвинителството истражува злоупотреби при јавни набавки во ЈП „Државни патишта“

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека повело постапка против пет физички и едно правно лице во врска со злоупотреби при јавна набавка за избор на фирма за физичко обезбедување на 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈП „Државни патишта“).

Против поранешен управител на фирмата од Кичево и правното лице е поведена истрага за кривично дело – злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. За останатите четворица, пак, меѓу кои е поранешен директор на претпријатието, еден од потписниците на договорот и двајца надлежни за контрола на реализацијата, се води постапка за кривични дела кои опфаќаат злоупотреба на службена положба и овластување и фалсификување на служени исправи.

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека е поднесена кривична пријава против Џ.Б. (54) од Кичево, Е.Р. (56) од Тетово, Е.Љ. (61) од Тетово, М.Б. (48) од Скопје и Д.З. (39) од Тетово и против правен субјект од Кичево.

Од обвинителството велат дека станува збор за договор за јавна набавка склучен на 8 август 2022 година со кој осомничениот управител на агенцијата за обезбедување се обврзал две години да врши континуирано физичко обезбедување 24/7 на сите 14 наплатни станици на ЈП „Државни патишта“. Иако согласно потпишаниот договорот бил должен, обвинителството тврди дека не се придржувал кон обврската и за целиот период од договорот вршел само делумно физичко обезбедување, најчесто само во прва смена, а на договорниот орган фактурирал услуги како да било вршено 24/7 физичко обезбедување за целиот период на договорот сè до неговото раскинување.

„Тогашниот директор на јавното претпријатие бил должен да се грижи за законитоста во работата и примената на прописите, статутот и другите акти, како и да врши контрола дали извршувањето на договорот за јавна набавка е во согласност со условите, но не ја извршил таа должност и го пропуштил должниот надзор над носителот на јавната набавка иако знаел дека физичкото обезбедување се врши само делумно“, соопштија од Јавното обвинителство.

Двајца осомничени раководители на одделение за наплата на патарини и контрола, исто така, имале задолжение да го следат договорот и неговото исполнување, да вршат контрола во извршувањето, одобрување на работни налози за извршување на услугата, испратници, следење на квалитетот на извршените услуги и проверка на доспеаните фактури, како и да изготвуваат извештаи дали договор е целосно реализиран. Обвинителството тврди дека тие не ги вршеле контролите во целост и иако знаеле дека обезбедувањето се извршува само делумно најчесто во прва смена, ги потпишувале барањата за одобрение за плаќање.

„Вториот потписник на договорот бил запознаен со бараната спецификација, но и покрај тоа ги одобрувал барањата и одобренијата за плаќање, по што ги одобрувал и доспеаните фактури кои потоа биле реализирани во корист на Агенцијата за обезбедување“, соопштија од Јавното обвинителство.

Од таму тврдат дека на овој начин другите осомничени на осомничениот носител на набавката му овозможиле да прибави противправна имотна корист во износ од речиси 47 милиони денари и со тоа нанеле штета од големи размери на Јавното претпријатие за државни патишта.

За првоосомничениот е доставен предлог за определување мерка притвор, додека за останатите се предложени мерки на претпазливост.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе