Штип, 20.04.2020
- Во денешното интервју за istokpress.mk на тема „Што работат познатите во време на коронавирус и ограничено движење“ говори д-р Златко СТОЈМЕНОВ, специјалист по интерни болести со 25 годишен стаж во струката, сопственик на ПЗУ „Д-р.Златко Стојменов“ во Штип.
Г-дин Стојменов, како вие како познат здравствен работник, специјалист по интерни болести, ги минува деновите со секојдневни вести за коронавирус, а понекогаш и во услови на задолжителна изолација?
-Во работните денови најголем дел од времето го посветувам на пациентите, а потоа и во организирање на работата на здравствената установа во која работ 18 здравствени работници. Особено внимание посветувам на работат на амбулантите со тимовите на матични лекари кои се активни во две смени. Секако, дел од времето го „трошам“ на организирање на заштитните мерки за заштита од пандемијата, задоволен сум од фактот дека тоа досега успешно го минавме бидејки имавме двајца пациенти позитивни на корона вирус кои успешно ги спроведовме на лекување кај инфектолозите без последици за медицинскиот персонал од нашата здравствена установа.
Како ги прифаќате аплаузите за Вашата фела кои тргнаа од Италија, а се проширија низ цел свет, аплаузи кои одат на адреса на здравствените работници. Сметате ли дека луѓето конечно го сватија вистинското значење на професијата која е и Ваша животна определба? Ве преплавуваат ли емоции, Ви се јавува ли некој кој ќе ви рече „гледаш ли на ТВ какви почести добиваат докторите и сите медицински работници“?
-Лично не сум многу воодушевен бидејки и во минатото заедницата повремено ќе се сетеше на нашиот статус во опшеството ,а политичарите особено ги “сакаа” докторите во време на избори за да бргу потоа ги заборават. За мене сите без исклучок се виновни за егзодусот на здравствени работници од нашата земја кој направи таква празнина во кадровската состојба на здравствениот систем која со декади нема да може да се надомести. Затоа едноставно после толку вербални декларации и “тапкање по рамења” немам доверба дека кај нас нешто значајно ќе се смени откако ќе мине оваа состојба. Сепак да не бидам сфатен како непоправлив скептик ќе оставам иднината да покаже што е што.Секако пофалбите и аплаузите од обичниот граѓанин кој е и самиот “жртва” на тековниот политичко-економски систем годи и ни значи многу.
Што работите во време на изолација? Читате ли некоја книга, белетристика или стручна сеедно, гледате ли по цел ден ТВ, си разговарате ли со домашните, колку пати во ден ви звони мобилниот за некој пацент да побара некој совет…
-Во минатите 25 години работев двократно и околу десет часа днево така да изолацијата ја користам за да бидам повеќе со фамилијата, да се видиме,да поразговараме да средиме некои работи кои порано не сме стигнале да ги средиме и да најдам повеќе време за мојата внука Петра која постојано бара друштво за играње.Во овој период под притисок од пандемијата врз психата на пациентите тие некако најмалку бараат и ѕвонат на телефон,се чувствува една масовна анксиозна состојба кај нив во која домира чувство на страв и неизвесност-едноставно се е сменето во однос на минатото.
Кој е вашиот став во однос на короната, дали ние како држава добро се справуваме со заразата, дали односот на граѓаните е добар, дали и со самодисциплина им помагаме на здравствените работници да нема голем притисок врз болниците и другите здравствени организации…
-Факт е дека државата реагираше енергично со низа успешни мерки,но она што недостига на терен се заштитните средства за здравствените работници кои во одредени периоди немаше од каде да се набават,а сметам дека државата треба повеќе да се грижи за сите учесници во јавната дејност-здравство особено за првата борбена линија-примарната здравствена заштита-екипите на матичните лекари на кои им вели: задача ви е да ги лекувате полесните пациените заразени од корона вирус кои се во домашни услови,а кога е вашата заштита во прашање грижете се сами оти вие сте концесионери. Сметам дека тука државата не треба да остава слободен протор туку треба со сите сили да им овозможи и помогне да се заштитат со соодветна медицинска опрема.
Второ јас сум еден од оние кои сметаат дека требаше да се спроведе помасовно тријажно тестирање со брзи тестови кај некои групи од населението: дојдените од странство, оние кои имале ногу контакти, здравствените работници и друго. Секако не можам да не ја забележам и оддаденоста и стручниот квалитет на луѓето кои ја водат целата оваа работа и кои имаат доста успешни решенија.
Дали сметате дека короната ќе го победи светот или светот ќе ја победи короната…Оптимист или песимист?
-Оптимист сум дека човекот ќе победи, песимист дека светот ќе се врати на старо. Многу работи ќе се променат, некои на добро некои на полошо
Имате ли некое лично хоби на кое сега, во новите услови, сте посебно посветени…
-Можеби најголемиот недостаток и празнина ми е што немам хоби последните години и оваа нова состојба ми кажува дека конечно тоа морам да го решам во следниот период.
Која е Вашата проценка, од она кое го гледате и слушате, за тоа кога ќе помине оваа зараза…и дали после тоа светот пак ќе биде ист или нешто ќе се промени…Например повеќе влог на државите во здравството-државно и приватно, а помалку пари за оружје…
-Веќе кажав дека очекувам многу работи да се променат во светот: најбргу индивидуалните, односно контактите, поздравувањето, претпазливоста и друго. Колективните и општествените мислам дека ќе одат поспоро, но ќе се случуваат,а особено ќе зависат од големите и силни држави од кои ќе зависи темпото на промени. Се надевам дека ние како мала ќе извлечеме многу поуки од значење за нашата сегашност и иднина.
Иван Бојаџиски