Порталб: Вработени во Министерството за економија си носат вентилатори од дома, климата не е во функција

Во објектот на Министерството за економија и труд веќе неколку недели поради дефект, не работи климатизацијата, поради што вработените се принудени да работат на високи температури, пишува Порталб.мк. Тие се жалат дека не можат да работат во такви услови.

„Колку што се сеќавам, климатизација немаме уште од почетокот на јуни, еднаш ја поправија, но потоа од 10 јули повторно имаше дефект“, ни рече еден вработен во министерството.

Тој рече и дека вчера работниците, поради проблемот, биле ослободени порано од работа. Друг вработен ни кажа дека овој проблем трае веќе неколку недели и дека се принудени да работат на високи температури и дека не се преземаат никакви мерки.

„Ситуацијата е тешка, не можеме да работиме на вакви температури. Некои од нашите колеги донесоа вентилатори од дома. Оние во кабинетот на министерот купиле нови клима уреди“, рече тој.

На прашањето околу овој проблем од Mинистерството за економија и труд за Порталб.мк одговорија дека причина за дефектот е дотраеноста на системот кој е стар речиси 30 години.

Оттаму појаснуваат дека климатизацијата е централизирана, а за нејзиното сервисирање е одговорна Службата за општи и заеднички работи при Владата на Република Северна Македонија.

„Поради дефект на системот за ладење, климата беше надвор од функција, но во тој период имаше одлука по инспекција на Државниот инспекторат за труд, со која вработените работеа со скратено работно време, почнувајќи од 7 часот наутро, со обврска дел од обврските последните два часа да ги извршуваат од дома. Климатизацијата повторно е во дефект од вчера, известени се службите за новиот дефект, а вработените и во текот на вчерашниот ден работеа со скратено работно време”, изјавија од министерството.

Објаснување побаравме и од Владата на Северна Македонија, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор.

Потсетуваме дека земјата во последно време се соочува со многу високи температури, поради што властите постојано објавуваат препораки.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press