Реакции во Србија по објавувањето на француско-германскиот предлог за решавање на прашањето со Косово
Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска присуствува на седницата на Владата на Србија, на која, како што пишува „Нова.рс“, најверојатно ќе се разговара за деталите за француско-германскиот предлог за решавање на прашањето со Косово.
Вучиќ, како и неколку членови на српската влада, претходно изјавија дека позицијата на Србија е тешка, дека земјата не ја очекуваат лесни одлуки, поради што треба да се направат консултации на највисоко ниво. Вучиќ најави дека вечерва ќе ѝ се обрати на јавноста, кога се очекува да пренесе што ќе направи Србија во однос на француско-германскиот предлог.
Портaлот на белградскиот весник „Данас“ вчера го објави европскиот предлог за основниот договор меѓу Косово и Србија, а во кој, меѓу другото, пишува дека „Србија нема да се противи на членството на Косово во која било меѓународна организација“.
„Нова.рс“ пишува дека засилената дипломатска офанзива на САД и Европската Унија (ЕУ) уште еднаш високо на агендата го постави прашањето за создавање Заедница на српски општини (ЗСО) на Косово, но испрати и пораки дека очекува двете страни да постигнат договор. Двете клучни точки кои ги кочат разговорите меѓу двете страни се токму формирањето на ЗСО, што не ѝ одговара на Приштина, додека главниот проблем за Белград е одредбата од предлогот со кој се бара Србија да не го блокира влезот на Косово во меѓународните организации.
Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска изјави дека Заедницата на српските општини е суштината на Бриселскиот договор и дека Србија ќе инсистира на нејзино итно формирање, како предуслов за разговори за политички план или предлог за решавање на прашањето меѓу Белград и Приштина.
Според порталот „Нова.рс“, претседателот на извршниот комитет на Српската напредна партија (СНС) Дарко Глишиќ изјавил дека српскиот претседател Александар Вучиќ на вонредниот состанок што вчеравечер се одржал во седиштето на партијата рекол дека е подготвен да се повлече од функцијата претседател на СНС.
„Нова“ додава и дека, според добро упатени извори, рокот за формирање на ЗСО би бил април, додека договорот меѓу двете страни се очекува да биде потпишан во јуни.