Свети Николе, 01.03.2017
- Свети Николе ги бара првата жена лекар, пилот, падобранец, шофер, репрезентативка, пратеничка, советничка, новинарка, жена која прва седнала зад воланот на патничко возило, првата писателка, офицерка, уметничка, адвокатка, судијка, бабица, докторка на науќи, првата жена тракторист, фризерка, шивачка, моделарка…
Во овчеполската метропола Свети Николе во тек е големата потрага по сé што е жена, а е значајно за историјата на градот. Во текот на 30 мартовски денови, на фејсбук страницата на Организацијата на жени во оваа општина, ќе биде објавуван по еден портрет на жена која била прва во нешто значајно за градот и која, на еден убав начин, е дел од неговата историја.
Големиот и преубав проект е смислен во инвентивната лабораторија на Организацијата на жените која организација, пред две години, од новинарите во источниот регион беше прогласена за најдобрата невладина организација.
-Решивме во месецот на жената, на нашите сограѓанки кои оставиле свои драгоцени траги во животот и развојот на градот и општината, а преку тоа и на Република Македонија да и посветиме посебно внимание. Во таа смисла ги бараме првата жена лекар, пилот, падобранец, шофер, репрезентативка, пратеничка, советничка, новинарка, жена која прва седнала зад воланот на патничко возило, првата писателка, офицерка, уметничка, адвокатка, судијка, бабица, докторка на науќи, првата жена тракторист за која се знае дека на ваква машина работела во 1924 година, фризерка, шивачка, моделарка, крводарителка, вели Рахела Симеонова-Манева, проектна соработничка и лице за односи со јавноста при Организацијата на жени во општина Свети Николе.
Рахела вели дека работејќи на оваа тема дознале дека првата падобранка во Македонија, легендарната Нада Ицева потекнува од село Павлешинци, дека Јелена Бруниќ, сега покојна, била позната пејачка која му пееле и на Тито, дека Свети Николе, покрај легендарната ракометна голманка на нашата репрезентација Гордана Нацева има и фудбалска судијка која суделе на последното Светско првенство за жени…
-Од денес па во следните триесет дена ќе објавуваме по една сторија за жена која на посебен начин ја испишувале богатата историја на Овчеполието. Последниот ден од месецот го посветуваме на отворање изложба во организација на Музејот на град Свети Николе и Домот на култура, на која изложба ќе бидат претставени портретите на истакнатите жени со нивна куса бографија, додава Рахела Симеонова Манева.
По оваа своја идеја Организацијата на жените во овој град може да стане инспирација за многу други градови за и тие, во месец март, месецот на жената, да се досетат и на некој посебен начин, а не само во кафеани со игри, песни и лумперајќи, да го одбележат најголемиот светски ден на жената.