Свети Николе, 27.02.2021
Со меѓусебни расправии и обвинувања меѓу власта и опозицијата, со девет гласа „за“ и шест „против“, Советот на општина Свети Николе на последната седница ја донесе одлуката за формирање на јавно меѓу-регионално претпријатие за управување со отпад „ЕКО ИСТОК-СЕВЕРОИСТОК“. Ова идно претпријатие треба да биде со седиште во Општина Свети Николе, каде што ќе треба да се гради идниот регионален центар за управување со отпад. Одлуката за формирање на јавното претпријатие беше донесена од сите други 17 општини од Источниот и Североисточниот плански регион, а Свети Николе беше последната општина која ја донесе.
Инаку, од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ на седницата јавно се спротивставија на изградбата на регионалната депонија во Свети Николе, обвинувајќи го градоначалникот дека го добил актуелниот мандат благодарејќи на ветувањето дека ќе ја спречи нејзината изградба. Тие го повторија ставот дека потребно е одржување на референдум на кој граѓаните на општината ќе одлучат дали се согласуваат за изградба на регионалната депонија на нивната територија.
Советниците од владејачката партија СДСМ пак посочија дека опозиционерите имале доволно време за да соберат потписи за одржување на референдум, но тоа не го направиле. Од СДСМ обвинија дека претходната општинска власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 2013 година ја започнала постапката за изградба на регионалната депонија во Свети Николе.
„Ова што е донесено од претходниот состав не можеме да го поништиме“, изјави градоначалникот на Свети Николе Сашо Велковски пред општинските советници.
Тој истакна дека е склучен договор во 2014 година, во чиј член 19 стои дека општината е должна да ги надомести штетите кои се во вредност од околу 2,5 милиони евра доколку не се почитуваат обврските кои можат да имаат финансиски импликации по подигањето на средствата од ИПА фондовите.
Инаку, советниците од Општина Свети Николе на одржаната седница се согласија дека со новиот регионален систем за управување со отпад веројатно ќе се стави ред во фрлањето отпад на сите страни, но го поставија и прашањето дали ќе бидат способни да ја одржуваат како општина идната регионална депонија.
Инаку, за „Мета.мк“ претходно информираше дека главен предуслов за да отпочне со изградба на регионалниот центар за управување со отпад во Свети Николе е сите општини да се согласат за формирање на меѓу-регионалното претпријатие.
„Поднесена е ревидирана ИПА Апликација за избор на компанија кој ќе го гради регионалниот центар (депонија и претоварни станици) до ЕУ Делегација на 18.08.2020 година и истата е доставена во Брисел на одобрување. Ревидирано тендерско досие се очекува да се достави до март 2021 година, а Договорот со најповолниот понудувач да се потпише во октомври 2021 година, со што ќе започне всушност и изградбата. Услов од Брисел е да се воспостави претпријатието бидејќи всушност тоа е крајниот корисник“, информираше за „Мета.мк“ Живка Михајлова, Раководител на Стручната служба на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад во Источен плански регион и Раководител на Одделение за инспекциски работи во Општина Пробиштип.
Проектот за регионалниот систем за управување со отпад во Источен и Североисточен плански регион е финансиран со неповратни средства од Европската Унија во износ од околу 40 милиони евра. Инаку, во рамките на овој проект, досега е извршена набавката на нови возила за собирање и транспорт на отпадот за сите 18 општини од овие два региона. Купени се и 3.923 контејнери за општините, со кои ќе се врши примарна селекција на отпадот од страна на граѓаните.
Идната регионална депонија ќе се гради во близина на селото Мечкуевци, општина Свети Николе. Сепак, целиот отпад од двата региони нема да се носи во Свети Николе. Со проектот, предвидено е да се изградат шест постројки за компостирање на градинарскиот отпад во Берово, Македонска Каменица, Кочани; Штип, Ранковце и Куманово, каде што ќе се лоцирани и претоварните станици за отпад. На овие шест локации би се собирал и мешаниот и посебниот отпад, како што е градежниот шут, металните предмети, комуналниот опасен отпад (бои, лекови, средства за чистење) и кабастиот отпад (душеци, мебел, теписи итн).
Исто така, на локацијата во Мечкуевци треба да се изградат погони за секундарна селекција на отпадот (пластика, хартија, стакло, лименки) што ќе пристигне од другите општини, како и погони за негово рециклирање. Единствено оној отпад што не би можел да се рециклира се очекува да заврши во идната регионална депонија, која што би опслужувала околу 370.000 жители и би имала вкупен капацитет од 900.000 метри кубни отпад.
Со добиените средства за воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад пролетва треба да почне чистењето на депониите и ѓубриштата во двата региона, со што ќе се надмине проблемот со загадување на животната средина.