СКОТ ЈЕЛАНД: Работата и развојот на рудник САСА нераскинливо се поврзани со животот и просперитетот на луѓето и заедницата.
Македонска Каменица, 04.февруари, 2021
Г-дин Скот Јеланд од пред пет месеци е на позицијата генерален директор на рудникот за олово и цинк „Саса“ во Македонска Каменица, најголемиот и најуспешен стопански кпацитет во регионот. Г-дин Јеланд со задоволство се согласи да даде интервју за нашиот портал.
Г-дин Јеланд, од кога сте на позицијата генерален директор на рудник САСА, каде досега сте работеле и на кои позиции, како сте прифатени меѓу рударите и од жителите на рударскиот град Македонска Каменица?
– Во октомври 2020 ми беше укажана голема чест да бидам назначен за генерален директор на Рудник САСА. Во последните три години како главен оперативен директор на Централна Азија Металс, компанијата која е сопственик на САСА, имав можност да се запознаам со работењето на САСА. Инаку, по професија сум рударски инженер од Корнвол во Обединетото Кралство и имам над 35 години искуство во работата, развојот и управувањето на рудници ширум светот. Jа започнав мојата кариера работејќи скоро десет години во корнволските рудници за калај, а работев и во други земји во Европа, Русија и Африка каде стекнав драгоцено искуство и идеи кои можам да ги пренесам и во рудник САСА.
Во последните три години платите во САСА се покачувани четири пати. Тие денес се за околу 40% повисоки од индустрискиот просек во земјата. Покрај редовните плати, САСА на своите вработени им исплаќа и премии за нивниот придонес во исполнување на планираните производствени параметри, при што најголеми премии добиваат рударите, техничкиот кадар и персоналот што работи на одржување на опремата во рудничките јами.
Сакам посебно да потенцирам дека во САСА наидов на одличен прием од сите вработени. Со задоволство можам да кажам дека работам со одличен, професионален и горд тим, вклучувајќи го претходниот генерален директор Олег Телној, кој сега работи со тимот за капитални проекти што е одговорен за реализација на капитална инвестиција од над 20 милиони долари во следните две години, како и Борче Гоцевски кој е технички советник и чие искуство и техничка експертиза се од непроценливо значење за САСА. Секако, тука е и Ивица Талевски кој ја извршува функцијата заменик генерален директор и директор за одржливост.
Инаку, престојувам во градот Македонска Каменица каде сум опкружен со вработени во САСА и со прекрасна околина. Се работи за една многу поврзана заедница која сите нас нѐ прави да се чувствуваме дека сме добредојдени овде. Лично, со нетрпение ја очекувам пролетта за да можам да излезам во природа, на планина, да возам велосипед и да пешачам.
Дали рудник САСА ги оствари планираните резултати за 2020 година, и како прв човек на рудникот дали сте задоволни од сработеното во однос на производните остварувања како и во однос на финансиските резултати?
– Во секој поглед 2020 беше исклучително тешка година, пред сѐ поради здравствените, а секако и економските предизвици од пандемијата на Ковид-19, како и поради истекувањето, што за жал се случи во постројката за складирање јаловина, што беше многу разочарувачко. Но, и покрај големите предизвици, со задоволство можам да кажам дека успеавме да го поправиме јаловиштето и пред крајот на 2020 година да исчистиме над 95% од истечениот материјал од реката. Во делот на производството успеваме да ги постигнеме поставените цели, а имаме и позитивни финансиски резултати и покрај остриот пад на цените на цинкот и оловото на глобалниот пазар во првите шест месеци од 2020 година. Особено сме задоволни што минатата година немавме повреди кои би резултирале со изгубени работни часови. До овој момент поминаа повеќе од две години без повреда на работно место, со што сме сигурни дека сите наши вработени секој ден се враќаат безбедно кај своите семејства, пријатели и најблиски.
Ваквите добри остварувања во текот на минатата година се резултат на добрата организација на работата и преземените протоколи и мерки за заштита од Ковид-19 што ни овозможија да го задржиме континуитетот во работењето, да ја одржиме финансиската стабилност и да продолжиме со редовното извршување на обврските кон вработените, кон државата и локалната заедница и нашите деловни партнери и соработници.
Каква е состојбата со стручниот кадар, односно дали САСА денес располага со неопходниот стручен кадар и професионални рудари кои си ја знаат работата?
– Горди сме што САСА е еден од најголемите работодавачи во источниот дел на земјата. Во компанијата се ангажирани околу 700 вработени. Поголемиот број од нив директно се вклучени во технолошките процеси, поврзани со работењето на рудникот, флотацијата, одржувањето на опремата и друго, а останатите ја обезбедуваат неопходната поддршка во делот на управувањето, проектирањето, развојот и логистиката. САСА вложува многу во стекнување знаење, вештини и професионално искуство кои се неопходни за целокупниот работен процес да се одвива според најдобрите индустриски практики, како и во создавањето нови талентирани кадри неопходни за идниот развој. Неодамна во САСА формираме и Центар за обука кој очекуваме во текот на оваа година да ја интензивира својата работа. Овој центар претставува база на компанијата која ќе создава и обучува висококвалификувани рудари и инженери во годините кои се пред нас.
ФОНДАЦИЈА….Во завршна фаза сме со формирањето на посебна Фондација преку која во иднина ќе управуваме со сите донации и проекти за одржлив развој наменети за заедницата.
Свесни сме дека успехот на САСА, во голем дел, покрај постојаните инвестиции, се должи и на вложениот труд, посветеноста и мотивираноста на нејзините вработени. Затоа вложуваме огромни напори да обезбедиме позитивна, стимулативна и продуктивна работна средина, во која се поттикнува личниот професионален развој, се практикува фер третман кон сите, се почитуваат правата, културните вредности и обичаи и постојано и отворено се комуницира со сите вработени. Истовремено, САСА во изминатите три години откако компанијата Централ Азија Металс го купи рудникот, изврши четири зголемувања на платите, од кое последното беше направено на почетокот на 2020 година. Со овие зголемувања, платите во САСА се за околу 40% повисоки од индустрискиот просек во земјата. Покрај редовните плати, САСА на своите вработени им исплаќа и премии за нивниот придонес во исполнување на планираните производствени параметри, при што најголеми премии добиваат рударите, техничкиот кадар и персоналот што работи на одржување на опремата во рудничките јами.
Во однос на иднината на рудникот согласно досега утврдените резерви на олово-цинкова руда и согласно бизнис планот за ископ, за уште колку години рудникот има потенцијал да работи?
– Во изминатите три години во развојот на Рудник САСА се инвестирани над 30 милиони долари. Голем дел од овие средства се вложени во набавка на нови и современи јамски машини, во модернизација и дигитализација на техничките процеси, во унапредување на безбедноста во јамите, во подигнување на стандардите и условите за работа, во геолошки истражувања во подлабоките хоризонти на рудникот, како и во две рудни наоѓалишта лоцирани многу блиску до постојните, и во други сегменти. Овие вложувања ни овозможија да го зголемиме производството и капацитетот за преработка на рудата на 850.000 тони руда годишно. Во наредниот период веќе се планирани и од Управниот одбор одобрени дополнителни инвестиции од над 20 милиони долари наменети за набавка на најнова опрема и технологија за откопување на руда, што треба да обезбедат стабилна работа на САСА во наредните најмалку 18 години. Тоа секако е добра вест за компанијата, за нејзините вработени, инвеститорите, но и за локалната заедница и земјата во целина, затоа што развојот на САСА обезбедува долгорочни придобивки и просперитет за сите.
САСА во континуитет ја покажува својата голема општествена одговорност кон локалната заедница, а во одделни случаи и на еден поширок простор. Покрај парите кои локалната заедница ги добива на име концесиски надомест, што уште правите за Општина М.Каменица и на кој начин ја остварувате таа убава синергија помеѓу рудникот и општината?
– Работата и развојот на САСА се темелат на концептот за одржлив развој и тие нераскинливо се поврзани со животот и просперитетот на луѓето и заедницата.
Со средствата од концесискиот надоместок што секоја година ги уплаќа во државниот и во буџетот на општината Македонска Каменица, САСА директно придонесува за изградбата на локалната инфраструктура и нејзиното функционирање. Дополнително, водејќи се од принципите на општествената одговорност, обезбедуваме и средства за поддршка и реализација на голем број проекти во доменот на спортот, културата, образованието, науката, животната средина, здравствената заштита, како и за поддршка на ранливите социјални групи.
На пример, само во доменот на здравствената заштита минатата година обезбедивме над 125 илјади евра за различни приоритетни потреби во борбата со пандемијата Ковид-19 на локално, регионално и национално ниво. Со ваквиот пристап и начин на поддршка сакаме како компанија долгорочно да оствариме позитивно влијание на квалитетот на животот на жителите од локалната, но и од пошироката заедница. Инаку, во завршна фаза сме со формирањето на посебна Фондација преку која во иднина ќе управуваме со сите донации и проекти за одржлив развој наменети за заедницата.
- Едно важно прашање е сврзано за соработката со науката. Познато ми е дека рудникот ангажира научен кадар од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип од Рударско-геолошкиот факултет. Колку сте задоволни од тој спој на науката и Вашиот стопански капацитет?
– Придонесот на науката во развојот на рударството е особено важен. Затоа САСА континуирано соработува со образовните и научните институции во земјата, особено оние од областа на природните и техничките науки кои се поврзани со развојот на рударството. Соработката на САСА со академските институции, особено со Универзитетите во Штип и Скопје, се одвива генерално во два правци. Имено, рудникот САСА обезбедува стипендии за студенти по рударство и заштита на животната средина на Факултетот за природни и технички науки во Штип. Во текот на студиите овие студенти дополнително можат да се запознаат со работата на Рудникот САСА и да стекнат практични знаења и првично искуство за тоа како функционира еден современ и одговорен рудник. Покрај финансиската поддршка во текот на студирањето, компанијата остава можност најдобрите од овие студенти да бидат вработени во компанијата по завршувањето на студиите. Освен во овој сегмент, САСА остварува континуирана соработка и со професорите и експертите од областа на рударството и останатите природни и технички области кои се поврзани со неговиот развој. Нивниот придонес во развојот на САСА е од големо значење и затоа ние и понатаму ќе се трудиме да го одржиме ова партнерство кое значително придонесува за развојот на одговорно и еколошки прифатливо рударство.
Кога ќе се спомене рудник кај нас веднаш се мисли на животната средина. Каков е односот на САСА по однос на ова прашање…
– Заштитата на животната средина е многу важен аспект од работата на САСА, на којшто ние му пристапуваме со голема сериозност. Во компанијата постои посебен оддел за животна средина кој, морам да нагласам, е целосно запознаен и вклучен во сите активности што се спроведуваат во комплексот. САСА е првиот рудник со A-интегрирана еколошка дозвола во земјата, а дополнително компанијата во своето работење, покрај другите стандарди, го има имплементирано и меѓународниот стандард за управување со заштита на животната средина ISO 14001. Но, и покрај нашиот сериозен пристап и големите вложувања во овој сегмент, на 14. септември минатата година се случи истекување на јаловишен материјал во локалниот речен тек. Можам да кажам дека ние како компанија секако не го посакувавме тоа и затоа направивме вонредни напори и вложивме финансиски средства за да се осигуриме дека такво нешто нема да се повтори. Ангажиравме реномирани експерти од странство и направивме зајакнувања на браната од нашето хидро-јаловиште, а извршивме и одредени измени во нашите оперативни и мониторинг процедури, што треба да ја обезбедат сигурноста на објектот на долг рок. Истовремено, спроведовме и план со кој успеавме за краток временски период да го исчистиме речното корито, враќајќи над 95% од истечената јаловина назад во јаловиштето. Се разбира, со оваа активност, како и со сите останати проекти за заштита на животната средина ќе продолжиме да работиме и да инвестираме и во иднина, затоа што чистата и здрава животна средина е во интерес на сите.
Металите се берзански производ, па одтука колку сте задоволни од цената на оловото и цинкот и што таа вам ви говори?
– За жал глобалната пандемија на Ковид-19 предизвика пад на цените на цинкот и оловото во првите шест месеци од 2020 година, при што металите загубија помеѓу 30 и 35% од нивната вредност до средината на годината. Оттогаш цените на металите се опоравија. Кај сопствениците на САСА, компанијата Централ Азија Металс, постои разбирање дека во рударската индустрија цените на металите ќе растат и паѓаат и понатаму, но она што е најважно е да се осигура дека работата и производството во САСА ќе продолжи да се одвива што е можно поефикасно, дури и во време на неповолни цени на металите. Tоа е најдобриот начин да се обезбеди долгорочна работа на рудникот, од што корист ќе имаат сите наши засегнати страни. Во таа насока, Централ Азија Металс на своите инвеститори во Лондон им објави дека во следните две години ќе инвестира дополнителни 20 милиони долари во нова поефикасна технологија за откопување на руда, која ќе ни овозможи да го зголемиме производството во САСА, да го максимизираме извлекувањето на рудата и да работиме на уште побезбеден и еколошки прифатлив начин.
Заштитата и безбедност при работа е една од најважните компоненти во политиките на секој рудник. Како стои САСА на ова поле. Тука мислам на ќуслови за работа во јама, ХТЗ средствата, редовни курсеви за заштита при работа…
– Безбедноста била и ќе остане примарен и највисок приоритет за САСА. Наша цел е да осигураме безбедно и здраво работно опкружување за сите наши вработени, изведувачи и посетители и затоа постојано и решително работиме на одржување нула повреди на работното место. Исклучително сме задоволни што во текот на 2020 година оваа цел – нула повреди на работно место – беше потврдена, со што поминаа повеќе од две години од последната повреда со загубено работно време во САСА. Можам да кажам дека ова не е случајно достигнување. Напротив, тоа е резултат на големата посветеност на вработените и на вложувањата на компанијата во достигнување и одржување на највисоките стандарди за безбедност во оваа индустрија. Во 2018 година ангажиравме високо квалификуван менаџер за здравје и безбедност со големо работно искуство во оваа област и многу нови идеи. Во меѓувреме, направивме и сериозни вложувања во нова заштитна опрема за сите вработени, истовремено ги зајакнавме процедурите, а воведовме и дополнителни обуки кои редовно се спроведуваат од страна на тимот задолжен за безбедноста на работното место, како и од надворешни специјалисти за здравје и безбедност при работа, со цел да се осигураме дека секој вработен знае да се грижи за сопствената и безбедноста на своите колеги. Заради подобрување на способноста за одговор при итни случаи кои настануваат во јама, изградивме и специјална станица за спасување која е опремена со нова опрема. Дополнително, формирана е и нова екипа за безбедност и спасување, чии членови континуирано се обучуваат за најновите техники за спасување. Веруваме дека сега САСА ја има најквалитетната и најдобро опремена екипа за спасување во рудник во земјава и пошироко.