Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ ќе добие виза за влез во Австралија и учество на Отвореното првенство на Австралија во јануари 2023 година, јавува денеска Ројтерс, повикувајќи се на австралиските медиуми.
Ѓоковиќ беше депортиран од Австралија во пресрет на Грен слем турнирот во јануари годинава, бидејќи не беше вакциниран против Ковид-19, а на поранешниот светски рекет број 1 му беше забранет влез во земјата до 2025 година, наведува британската агенција.
Guardian Australia и ABC National Radio објавија дека добиле потврда дека министерот за имиграција Ендрју Гилс ја укинал забраната, дозволувајќи му на Ѓоковиќ да се натпреварува.
Портпаролот на австралиското Министерство за имиграција одби да ги коментира извештаите, наведува британската агенција.
Директорот на Австралија опен, Крег Тајли, претходно во ноември изјави дека Ѓоковиќ е добредојден во јануари, под услов да добие виза, но дека Тенис Австралија не може да лобира во негово име.
Во јули, Австралија го укина правилото со кое се бараше од меѓународните патници да го пријават својот статус на вакцинација против Ковид, а Ѓоковиќ во октомври рече дека добил „позитивни сигнали“ за напорите да се поништи забраната за неговиот влез.
Ѓоковиќ вчера пред новинарите изјави дека неговите адвокати се уште чекаат информации од австралиската влада.
„Сè уште ништо официјално. Чекаме. Тие комуницираат со австралиската влада. Тоа е сè што можам да ви кажам засега“, изјави Ѓоковиќ по победата на почетокот на завршниот турнир во Торино во понеделникот вечерта, пренесува австралиската ABC.