Штип, 29.01.2018
Истакнатиот македонски поет Ристо Лазаров деновиве се претстави со новото поетско дело, книгата поезија под наслов “Цедена”.
Проф. Лидија Капушевска Дракулевска, автор на поговорот, потсетува дека е познат ставот дека поезијата за едно пее, на друго мисли, укажува дека алузивноста и асоцијативноста на Песната на Ристо Лазаров е нејзина иманентна одредница на која упатувале многубројни проследувачи и толкувачи на овој „бунтовник по природа“ и „ангажиран интелектуалец“ во современата македонска поезија: од Анте Поповски и Георги Старделов, преку Катица Ќулавкова и Гојко Божовиќ, сѐ до Лидија Димковска и Владимир Мартиновски. Капушевска-Дракулевска го поставува прашањето: зошто Ристо Лазаров ја одбрал токму таа таинствена „цедена насмевка“ за амблем на својата најнова поетска книга? И нуди можен одговор: за да го сугерира парадоксот на пеењето/живеењето кои секогаш пулсираат некако помеѓу; помеѓу сериозното и обичното, возвишеното и баналното, универзалното и миговното, трагичното и убавото…
Дали тоа не е имплицитна побуна против заложништвото на дневно-политичките настани во кое упаднале и поетите, тие вечни боеми?! Се губи ли естетското за сметка на етичкото?! Или, пак, сознанието дека понекогаш насмевката кажува многу повеќе од зборот, ја потхранува вербата во опстојувањето на комуникацијата во современиот свет во кој, за жал, како да не постои повеќе дијалог и разбирање помеѓу луѓето, дури и помеѓу оние кои со „исти усти / – различни јазици зборуваат“, како што на едно место вели поетот?!
Ова е триесетта книга поезија на Лазаров, роден штипјанец, книгата е во издание на “Везилка 2011” и, како за сите нејзини изданија, не е барана државна финансиска поддршка.