Штипјани за говорот на ЗАЕВ: Зоки ни ја врати вербата во една нормала Македонија
Штип, 02.12.2016
„Зоки зборуваше како што би сакала да зборувам јас. Тој го кажа тоа што е во моите мисли. Човекот ги кажа важните работи на јазик разбирлив и за цар и за говедар. Не вртеше како дожд околу Крагуевац. Беше дректен, знаше што му е маката на овој напатен македонски народ кој десет години стенка под стегите на една ненародна власт, на еден криминален режим. Со Зоки (Зоран Заев н.з.) Македонија нема да биде истата држава, а народот, по десет години тортура, ќе доживее убави моменти во својот живот“.
Вака, учителката Вера, за Исток прес го коментираше синоќешниот настап на лидерот на опозицијата Зоран Заев на преполнетиот штипски плоштад „Слобода“. Вера има 65 години, во пензија е, двете деца, син и ќерка и се отселиле од државата.
„Тие не можеа среќата да си ја најдат тука. Заминаа во Германија, на одењето рекоа дека ќе се вратат дома кога Македонија ќе стане нормална држава. Зоки ни даде силна верба дека тоа наскоро и ќе биде и моето семејство пак ќе биде комплетно“, ни зборуваше Вера.
Никола Митков, дипломиран економист на 34 годишна возраст вели дека Заев, со инспиративниот говор, му ја вратил вербата во тоа дека и во Македонија е можен живот.
„Пораките кои ги испрати од штипскиот плоштад, јасниот како сончев ден говор, хируршки прецизната детекција на тешката состојба на македонскиот граѓанин, ветувањата содржани во програмата на опозицијата предводена од СДСМ кои за мене се остварливи, ми дадоа за право да се надевам на живот во мојата татковина. Многу мои другари заминаа во странство, јас реков дека ќе го почекам 11 декември и со мојот глас да придонесам да си замине оваа ненародна власт. Верувам во Заев, верувам во програмата на опозицијата, живеам за времето кога Македонија ќе стане нормална европска држава а народот ќе доживее среќен живот“, рече Митков.
Двајца доктори специјалисти од штипската болница со внимание го слушаа говорот на Заев. –„Специјалистичкиот кадар, но и медицински сестри си заминаа од Клиничката болница која е од регионален карактер. На хирургија, урологија, одделението за интерни болсети, на гинекологија нема доктори специјалисти. И не може да ги има со вака понижувачки плати. Судија во апелација добива плата колку што плата добиваат 2,5 специјалисти. Тоа е апсурд над сите апсурди. Ние сме сигурни дека Зоран Заев како премиер и новата власт воопшто ќе ја исправат неправдата кон докторската фела“, коментираа угледните доктори-специјалисти.
Инаку, на синоќешниот сенароден митинг на плоштадот со симболично име „Слобода“ во Штип се собра повеќеилјаден народ. Пред граѓаните, покрај лидерот Заев, уште зборуваа и работничка од штипска конфекција, Љупчо Николовски, носител на изборната листа на опозицијата во трета изборна единица и Благој Бочварски, кандидат за пратеник во оваа изборна единица.