Штип, 02.06.2019
Партијата ГДУ одвреме-навреме ќе се појави во јавноста со по некоја шепкулација која започнува со „прашање“ од типот „дали тоа и тоа навистина чини толку и толку пари“. Па сега, болвата е пуштена, па кој сака да верува без да проверува, како што тоа одново го направија од оваа партија, нека верува.
Имено, од ГДУ сега излегоа со вака срочено прашање: „Дали новиот кружен тек навистина чини 150.000 евра со анекс договор од 30.000 евра, додека оној од Дујле изнесувал 50000 евра?
Одговорот на оваа нова несмасна политика и голема лага на ГДУ дојде од најмеродавното место. Од најпрозваниот, а тоа е градоначалникот Благој Бочварски:
-Сакам да информирам дека едниот кружен тек е изграден за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ кај месноста Дујле и таму имаше поставување само еден слој асфалт, без притоа да се заменуваат околните ивичници и без притоа да се градат пристапни улици кон тој кружен тек.
Од друга страна, овој кружен тек кој малтене е на влезот на градот, на булеварот „Гоце Делчев“, е кружен тек којшто е изграден целосно нов, со тампонирање нов слој, со поставени два слоја асфалт, со изградба на тротоари и со цела една нова пристапна улица од кружниот тек до фабриката „Баргала“, којашто е во должина од околу 250 метри и којашто вклучува и пет пристапи кон тамошните компании.
Заради тоа, сето ова изнесува околу 146.000 евра, но на аукцијата, согласно Законот за јавни набавки, којашто е јавна и на која може да ѝ пристапат сите граѓани, може да се пристапи и да се види дека најниската понуда била 190.000 евра, а највисоката била 420.000 евра. После електронската аукција, цената паднала на 146.000 евра, што значи дека на овој зафат сме работеле со навистина ниски цени, но, потенцирам – не се работи само за кружен тек, туку и за целосно нова улица со тампонирање, со два слоја асфалт, со ивичници, со тротоари и по сите стандарди. Токму затоа се гледа каков е квалитетот на изработката на оваа улица.
Би сакал да гиинформирам граѓаните дека додека јас како градоначалник сум овде заедно со работниците коишто денеска работат на терен и ја подобруваат инфраструктурата, не би сакал да верувам дека одредени политички структури работат на замајување на јавноста и пласирање на полувистини и невистини во јавноста со цел да бидат изманипулирани граѓаните.
Јас во иднина ќе продолжам да работам според законите и ги повикувам сите политички структури во градот да следат добро што работиме и да не споредуваат нешто кое не се споредува, одговори Бочварски.
На кружниот тек на Дујле станува збор за поставување на само еден слој асфалт, без при тоа да се опфати ниту еден дел од околината на тој кружен тек, а овде работиме и за тампонирање и за асфалтирање на два слоја, за изградба на нови тротоари.
Така што, навистина се работи за манипулација со граѓаните преку извртени факти. Ги повикувам политичките структури во градот да внимаваат, не заради локалната самоуправа туку заради граѓаните, да не пласираат невистини пред медиумите во градот.