ШТИП: Еуроарт со гости од Романија на хуманитарен концерт за лекување на Симона собраа 25.000 денари
Штип, 26.10.2019
Академијата за фолклор Еуроарт од Штип и фолклорниот ансамбл ,,Дорулетул” од градот Тулча, Романија синоќа во мултикултурниот центар на Унивезитетот „Гоце Делчев“ од Штип приредија хуманитарен концерт за лекување на четиригодишното девојче Симона.
Според Милена Ристова Михајловска од Еуроарт, собрани се 25.000 денари за доброто здравје на Симона.
-Салата беше преполна, не се наплатуваа влезници, имаше над 350 посетители кои во кутија пред влезната врата донираа кој колку сакаше за Симона. Задоволни сме од фактот дека со меѓународен концерт од хуманитарна природа барем малку придонесовме за Симона да може да замине на лекување во Загреб, ни изјави Милена Ристова Михајлова.
Гостите од Романија со своите домакини денес имаа дефиле по улиците во центарот на Штип по што на плоштадот „Слобода“ се фатија на големо оро на пријателството. Тие гостуваат во Штип во рамките на Првиот меѓународен мултиетнички и мултикултурен фестивал за уметности и танци ,,ЕКВИЛИБРИУМ – Небото е граница” во организација и авторство на ЕУРОАРТ. На овој фестивал, минатата недела земаа учество и гости од Хрватска и Италија.
Гостите од Романија во Општина Штип имаа разговор со Викторија Кукушев, претседателка на Советот на млади за општина Штип и Иван Бојаџиски, претседател на Комисијата за култура при Советот на општина Штип. Домакините посебно ги запознаа гостите со културниот живот на Штип.
-Во Тулча, Романија, се одржува Меѓународниот фолклорен фестивал ,,Златната рипка” на кој оваа година, во август 2019, гостуваа и членовите на АКАДЕМИЈА ЕУРОАРТ. Таму децата од ЕУРОАРТ освоија Прва награда за спектакуларен настан. Инаку, да спомнам дека во Тулча живеат доста Македонци, па и штипјани, а во Штип живеат многу Власи, рече Ристова-Михајловска.
Таа додаде дека Еуроарт е благодарен на Советот на Општина Штип за дадената финансиска поддршка за дел од средствата за превоз при турнеите на ЕУРОАРТ за Полска и Романија, летово 2019.