Штип и Гоце Делчев пред Европа со заеднички проекти

Штип, 16.01.2018

Градоначалниците Бочварски и Москов
Градоначалниците Бочварски и Москов

Владимир Москов, градоначалник на бугарскиот град Гоце Делчев, денеска беше во посета на Штип. Тој возврати за посетата која штипскиот градоначалник Благој Бочварски ја имаше на градот Гоце Делчев.

-Ова е наша втора средба, а наша стратешка цел е да ја продлабочиме соработката не само во тековната година туку и за идни времиња. И во овие наши разговори главен акцент ставаме на идната соработка во делот на ИНТЕРРЕГ-ИПА програмата за прегугранична соработка помеѓу нашите две држави. Програма која треба да се реализира во периодот до 2020 година, рече штипскиот градоначалник.

Според двајцата градоначалници акцент на преговорите се дава на можноста за аплицирање за проекти во делот на туризмот кои се финансирани од европските фондови.

-За граѓаните на Општина Штип е важно тоа дека ние ќе аплицираме, преку разговори, преговори и договори заедно со Општина Гоце Делчев  за проекти од културното наследство на нашиот град. За проекти во однос на Исарот, штипско Ново село, за енергетски ефикасни објекти, училишта, за подобрување на инфраструктурата на училиштата, како и пристапни рампи за лицата со посебни потреби. Едно општинско училиште би можело да влезе овде како проект, но сега сме сѐ уште во фаза на преговарање и разговори, рече Бочварски.

Од средбата во Кочани
Од средбата во Кочани

Неговиот колега од градот Гоце Делчев го тера шестиот мандат на најважната градска позиција. Москов рече дека постојат големи можности преку Европските фондови наменети за прекугранична соработка да се реализираа повеќе проекти кои ќе влијаат на подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните во општините Штип и Гоце Делчев.

-На нас е да направиме се за да ја искористиме оваа голема можност која ни се нуди преку европските фондови, и јас сум убеден дека и ние и Штип имаме стручни тимови кои можат да придонесат кон таа цел, рече градоначалникот Москов.

Ваква средба се одржа и во Кочани. Според Николчо Илијев, градоначалник на Кочани, општината е подготвена со техничка документација да аплицира за реконструкција на Мултикултурниот центар,  проект што предвидува замена на кровната конструкција, енергетски ефикасна фасада, опремување на просторот и греење.  Европските пари ќе бидат добредојдени и за замена на кровот и термофасада во ОУ „Св. Кирил и Методиј“, за што исто така имаме готов проект. Доколку се обезбеди соодветно партнерство може да конкурираме и со проект за уредување на простор за кампирање во месноста Бавчалук, како и за зачувување на старите занаети со ревитализација на неколку воденици по текот на Кочанска Река – соопшти по средбата градоначалникот на Кочани.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе