Штип и Карбинци подготвени за пописот
Штип, 25.03.2021
Во општините Штип и Карбинци се вршат последните подготовки за успешна реализација на најважната статистичка „операција“ наречена – попис која во нашата држава ќе се одржи по пауза од дваесет години.
Пописот ќе се изврши од 01 до 21 април годинава.
-За попишувачи и инструктори се пријавија 266 лица од двете општини. По извршеното тестирање избрани се 129 лица плус 13 лица кои се инструктори. Обуката која е во тек ја вршат тројца државни инструктори, обуката ќе трае три дена по осум часа дневно, вели Соња Китанова, претседателка на Комисијата за попис за општините Штип и Карбинци.
Меѓу оние кои ќе го извршат попишувањето се и 6 лица од турската етничка заеднца, по пет од ромската и влашката, а еден е од српската. На територијата на овие две општина има 300 пописни кругови, односно определени региони, а за секој од нив е задолжен по еден попишувач. Во зависност од големината на пописниот круг некои од попишувачите оваа операција ќе ја извршуваат и во повеќе од еден круг.
-Сите попишувачи се од редот на невработените додека Комисијата е од администрацијата на двете општини. Ако било кој од граѓаните на овие две општини има било каква дилема во однос на пописот, ние како комисија му стоиме на располагање. Сакам уште еднаш да појаснам дека не постои никаков ризик по здравјето на граѓаните зашто попишувачите ќе бидат опремени со сите заштитни средства, вели Китанова.
Пописната комисија е сместена во малата сала на првиот спрат во зградата на Општина Штип и секој кој сака нешто да се информира во врска со пописот сите информации може да ги добие од Комисијата.