Штип, 01.11.2021
Уште на стартот се покажа дека седниците на новоизбраниот Совет на Општина Штип нема да минуваат мазно. Денешната конститутивна седница мошне експлицитно го покажа тоа. Советниците од опозициската СДСМ и коалицијата ја напуштија седницата поради, како што беше речено, неприлагодениот текст на свечената изјава која требаше да ја дадат сите советници.
Имено, во текстот на изјавата стои: “Јас…….свечено изјавувам дека правата и должностите на член на Советот ќе ги вршам совесно и дека при нивното вршење ќе ги почитувам уставот, законот и прописите на Советот и дека ќе го штитам уставниот поредок на РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.
Маријана Рогожарска Поповска, координаторот на советничката група на СДСМ и коалицијата побара во името на државата да се додаде СЕВЕРНА, какво што е уставното име на Републиката, но од владеачкото мнозинство таквиот предлог го одбија со укажување дека текстот на изјавата произлегува од Статутот на Општина Штип каде додавката Северна не стои.
На укажувањето на опозицијата дека Уставот е највисок правен акт на државата, дека во свечената изјава стои дека советниците ќе го почитуваат Уставот и дека не е јасно какво ќе биде тоа почитување ако уште на првата-координативна седница тој се крши. Бидејќи не се најде валидно правно објаснување по однос на името на државата кое треба да стои во свечената изјава, опозицијата излезе со предлог седницата да се одложи за некој ден, а одговор да се побара од Законодавниот дом на што владеачкото мнозинство не се сложи. Тоа беше повод опозицијата да ја напушти конститутивната седница.
Без опозициските советници мнозинство едногласно ја избра Весна Кожинкова Карагунова за претседател на Советот на општина Штип.
Како понатаму ќе течат седниците на локалниот штипски парламент ќе се види веќе од првата нареда седница кога на дневен ред ќе се постават прашања од значење за градот и општината.
Во овој момент не се знае дали Штип има легитимен Општински совет бидејќи деветмина советници од опозицијата не ја потпишаа свечената изјава, 13 советници од владеачкото мнозинство и една советничка од Левица потпишаа изјави со името Република Македонија, поради што опозицијата смета дека изјавите се нелегитимни и дека Општинскиот совет не се има стекнато со легитимитет да заседава и да носи било какви одлуки.